Покрај тоа што го собори светскиот рекорд, тој уште двапати го фрли ѓулето на далечина поголема од 23 метри (23,31 и 23,23) и со тоа е всушност сопственик на четирите најдобри остварувања на сите времиња во оваа атлетска дисциплина

АТЛЕТИКА – СВЕТСКИ РЕКОРД НА РАЈАН КРАУЗЕР

Американскиот атлетичар Рајан Краузер на митингот одржан во Лос Анџелес (САД) го фрли ѓулето на далечина од 23,56 метри, со што постави нов светски рекорд во оваа дисциплина.
Двократниот олимписки првак (2016 и 2021 година) на тој начин го урна сопствениот светски рекорд, кој досега изнесуваше 23,37 метри, поставен во квалификациите за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио (Јапонија), одржани во 2021 година.
Американецот, кој е и светски шампион од минатата година, светскиот рекорд го постави на митингот одржан на стадионот „Дрејк“ на универзитетот „Калифорнија“ (УКЛА).
Покрај тоа што го собори светскиот рекорд, тој уште двапати го фрли ѓулето на далечина поголема од 23 метри (23,31 и 23,23) и со тоа е всушност сопственик на четирите најдобри остварувања на сите времиња во оваа атлетска дисциплина.
На митингот во Лос Анџелес во саботата тој забележа резултати и од 22,94 м, 22,80 м и 22,86 м, а Светската атлетика (СА) тоа го нарече најдобра серија на фрлање ѓуле досега.
Краузер работи на нова техника, која вклучува поголем чекор наместо постатички став, а тој рече дека чекорот го користел во пет фрлања, пишува СА на својата интернет-страница. Г.И.