На Австралија опен Ѓоковиќ ја освои својата 66-та „голема титула“, категорија што опфаќа трофеи на гранслем-турнири, на АТП-финалето, АТП-турнирите од серијата мастерс 1.000 и олимписки златни медали во поединечна конкуренција. Надал има 59 такви трофеи, а Федерер освои 54

ТЕНИС

Новак Ѓоковиќ (35) со освојувањето на рекордната 22. тениска гранслем-титула во неделата, кога победи на Австралија опен, го зголеми своето водство во трката за т.н. големи титули, пред Рафаел Надал и Роже Федерер, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
Со триумфот во Мелбурн, Ѓоковиќ ја освои својата 66-та „голема титула“, категорија што опфаќа трофеи на гранслем-турнири, на АТП-финалето, АТП-турнири од серијата мастерс 1.000 и олимписки златни медали во поединечна конкуренција. Ѓоковиќ сега има седум „големи титули“ повеќе од Надал, кој има 59 такви трофеи, а Федерер, кој се пензионира лани, освои 54.
По новиот освоен пехар, Ѓоковиќ освојува една „голема титула“ на секои 3,2 одиграни турнири (66 победи на 210 настапи), а Надал има една на секои 3,5 турнири што ги одиграл (59/208), пишува АТП. Единствените други играчи што освоиле „голема титула“ со поголема стапка од еден трофеј на пет одиграни турнири се Федерер со 4,4 (54/240) и Пит Сампрас со 4,9 (30/147).
Ѓоковиќ стана третиот највозрасен тенисер во т.н. отворена ера (од 1968 година) што триумфирал на Австралија опен, а пред него се Кен Розевал и Федерер, кои го освоија пехарот на возраст од 36 години, пишува АТП.
Со победата во финалето во Мелбурн со Стефанос Циципас, Ѓоковиќ сега има и 17 последователни победи против ривали од врвните пет на турнирите, пишува АТП. Со триумфот, Ѓоковиќ одново е и светски тенисер број 1 на АТП-листата и ја почна својата рекордна 374-та недела на првото место.


Нов рекорд за посетеност на еден гранслем

Отвореното првенство на Австралија во тенис постави рекорд на посетеност на еден гранслем-турнир со повеќе од 900.000 гледачи во текот на три недели, соопштија организаторите, и покрај отсуството на некои познати играчи и прекините на распоредот поради дождот, пишува британски „Индепендент“. Рекордни 839.192 гледачи се собраа во „Мелбурн Парк“ од 16 до 29 јануари, на првиот турнир по две години без ограничувања за ковид-19, надминувајќи го претходниот рекорд од 812.174 во јануари 2020 година.
Бројките ја засенуваат минатогодишната посетеност на други гранслем-турнири, 515.164 на Вимблдон, 613.500 на Ролан гарос и 776.120 на САД опен, пишува „Индепендент“. Над 60.000 гледачи, исто така, ги следеа квалификациските настани во Мелбурн, со што вкупниот број достигна 902.312.
Турнирот, на кој не играа Серена Вилијамс, Роже Федерер и ланската победничка Ешли Барти, го надмина и рекордот за еднодневна посетеност со 94.854 гледачи на 21 јануари. Претходниот рекорд беше 93.709, поставен во 2020 година, пишува „Индепендент“.