Трибунот Толстој (13)

Несомнено е дека влијанието што го имал Толстој врз современиците било во сообразност со вдахновението од неговото книжевно дело кај многубројните читатели, па иако во староста тој речиси се откажува од своите поранешни ремек-дела, од друга страна, токму поради создадениот, со полно право, ореол на светски автор, тој може, сосема трибунски, да го користи во моќта со која дејствува во татковината (каде што беше неприкосновен книжевен, но и мисловен владетел) и во светот. И, да се потпрам на (злобната) забелешка на Достоевски за Тургењев и телескопот, за Трибунот е важно да се вдоми, да биде присутен во татковината; ако е во егзил, тој настојува да се врати назад (Иго, Милош, Кадаре), инаку, иако може да има зaвиден круг читатели, ја добива улогата на хронистерик (Кундера) или номад (Кортасар). Спротивно, Толстој останува моќен и активен, и кога врз него зачестуваат острите напади од провладините весници и црквените кругови – барале да се протера на Сибир, го нарекувале антихрист, ги апселе неговите приврзаници.
Толстоевото трибунство восхитува со својата стаменост наспроти неговото прогонство од црквата и острата критика на царскиот режим. Јасна Полјана на Лав Николаевич било место каде што најразнородни посетители доаѓале на своевиден аџилак и од каде што се вршела жива кореспонденција со почитувачи желни да го слушнат неговиот совет. Рилке и Лу Саломе доаѓаат специјално во Русија да се сретнат со него, младиот Ромен Ролан во преписка се инспирира со толстоизмот за цел живот (и во 1911-та, како познат и признаен европски писател, ја пишува биографијата „Животот на Толстој“), но сите соговорници не биле од нивниот или од рангот на Ганди и Чехов. Јасна Полјана ја посетувале и голем број толстоевци, облечени како и нивниот учител, во едноставни селски рубашки и чизми. Толстоевата ќерка Александра, која присуствувала на тие средби, пишува во своите сеќавања дека ѝ биле „смртно здодевни“, зашто толстоевците се заветувале и никогаш да не се смеат. Не издржувала да остане докрај на состаноците, туку, заедно со роднината Ањочка, ќе побегнала во својата соба и таму, со гитара, пееле цигански романси. Се случувало тогаш Толстој да ја подотвори вратата, да ѕирне внатре и со насмевка да им каже, слушајќи ги: „Продолжи, како да не сум тука, не е лошо!“.

(продолжува)