Индикатори зошто германската индустрија никогаш нема да биде конкурентна како што беше пред војната во Украина

Руско-украинскиот конфликт и енергетско-економската војна меѓу Русија и Западот што следуваше потоа, во пакет со европските санкции кон Русија и рускиот противодговор, значително го намалија увозот во Германија на енергенти од Русија.

Германија беше најголемиот европски увозник на руски гас

Според официјалните податоци на ЕУ, Германија во 2021 година увезла 40 отсто природен гас од Русија, а до август минатата година тоа паднало на помалку од 17 отсто. Но, само да потсетиме, гасот не беше вклучен во европското ембарго за увоз од Русија, за разлика од нафтата. Меѓутоа, со затворањето на гасоводот Северен тек 1, кое од страна на Русија беше оправдано со „технички проблеми“, како и мистериозната саботажа на Северен тек 1 и 2 во септември 2022 година, прекина да тече и тој енергент низ споменатите цевководи.
Иако некои европски и американски претставници ја обвинија Русија за саботирање на овој руско-европски проект, неколку европски и американски функционери во декември 2022 година изјавија за „Вашингтон пост“ дека „не нашле докази дека Русија е сторителот“. Прашање е дали некогаш ќе се утврди кој го саботираше гасоводот?!

Дислоцирање и раселување на германското село Луцерат заради масивен ископ на јаглен под тоа село

Минатата година Германија, дури и повеќе од остатокот од Европа, мораше итно да ја надомести загубата на рускиот гас. Дел од него беше заменет со гас од Норвешка и Алжир и течен природен гас (ЛНГ) од САД, Катар и Нигерија. ЛНГ е, се разбира, многу поскап, особено американскиот, кој треба да го премине Атлантикот. Но тоа не значи дека увозот на гас од Русија беше целосно стопиран. Во 2022 година, Русија остана вториот најголем снабдувач на гас за Германија (22 отсто), веднаш по Норвешка (33 отсто).
Сепак, дел од него беше компензиран со јаглен, кој беше неволно поддржан од зелените како дел од компромисниот договор со СПД. Тие работеа на скратување на рокот за затворање електроцентрали на јаглен во западната покраина Северна Рајна-Вестфалија, но се согласија две електроцентрали на јаглен во сопственост на РВЕ да останат активни до 2024 година, иако тие требаше да бидат затворени во 2022 година. Исто така, тие му дозволија на РВЕ да го урне селото Луцерат, да ги расели жителите и да започне да копа јаглен под тоа село.
Така, Германија успеа да обезбеди енергија за оваа зима подобро од сите очекувања. Што ќе се случи следната зима, сепак, сè уште не е познато, а некои аналитичари предвидуваат дека без евтин руски гас, германската индустрија никогаш нема да биде конкурентна како што беше пред војната.

Проблематични политичко-енергетски процени на Германија

Германската влада тврди дека РВЕ го добила правото да го урне селото Луцерат. Исто така, Владата тврди дека „конкретниот случај е завршен и пред германските судови“ и дека „проширувањето на рудникот нема да доведе до зголемување на вкупните емисии на јаглерод поради ограничувањето на овие емисии низ ЕУ“!
Екоактивистите во Германија не го простија тој болен компромис, ниту пак демонстрантите од селото Луцерат. Но никој од нив не нуди задоволителен одговор на прашањето што би ги заменило рускиот гас и јаглен, при што се свесни дека обновливите извори на енергија, како што се сончевата енергија и ветерот, очигледно не се доволни.
Да потсетиме на уште еден факт: Германија си постави рок за затворање на нуклеарните електроцентрали до крајот на 2022 година. Поводот за оваа судбоносна одлука на тогашната влада на Ангела Меркел во 2011 година беше нуклеарната катастрофа во Фукушима, Јапонија, а причината беше 35-годишна. Имено, тоа беше борба против нуклеарната енергија, која доби посебен замав по советската катастрофа во Чернобил во 1986 година.
Крајниот рок за затворање на сите нуклеарни централи го постави и претходникот на Меркел, Герхард Шредер, чии социјалдемократи дојдоа на власт во 1998 година, исто така во коалиција со зелените. Меркел го одложи тој рок до 2036 година, но се премисли под притисок на јавноста по распаѓањето на нуклеарниот реактор во Фукушима. Долгогодишната канцеларка во тоа време сè уште не била во коалиција со зелените, но видела дека рејтингот на нејзината партија паѓа, додека на зелените расте, и дека, според анкетите, мнозинството Германци биле за постепено затворање на нуклеарните централи. Оттогаш се затворени 11 нуклеарни централи.
Иако Германија, како дел од својата амбициозна програма за енергетска транзиција, го зголеми уделот на обновливите извори во потрошувачката на електрична енергија на околу 41 отсто до 2021 година, јагленот сепак изнесува околу 28 отсто. Во 2022 година нивото на обновлива енергија се зголеми на 46 отсто, а владата планира да го зголеми на 80 отсто до 2030 година. Прашање е дали тоа ќе биде можно. Сончевата и ветерната енергија, кои го сочинуваат најголемиот дел од овие извори, се апсолутно зависни од временските услови. Јасно е зошто соларните панели не се многу сигурни или продуктивни во земја со клима како Германија.
Исто така, јасно е дека со затворањето на повеќето нуклеарни централи, Германија стана зависна од јаглен. А погубната трета опција беше намалување на струјата и затворање на фабриките.

Уделот на јагленот минатата година во Германија порасна за 10 ГВ, а требаше да падне за 1,6 ГВ

Уделот на енергијата добиена од јаглен во електричната мрежа на Германија порасна во третиот квартал од 2022 година во споредба со 2021 година од 32 отсто на 36,3 отсто, или за околу 10 ГВ. Планот беше да се намали за 1,6 ГВ. Наместо да се затворат термоцентралите на јаглен, некои што долго време беа затворени повторно се ставаат во функција.
Што се однесува до нуклеарната енергија, нејзиниот удел падна на 13 отсто до 2021 година, додека во 1990-тите беше околу една третина. До крајот на минатата година, уделот требаше да падне на нула, но владата на Шолц во последен момент се премисли и ги остави последните три нуклеарни централи – Исар 2, Некарвестхајм 2 и Емсланд – да работат до април оваа година или подолго.
Критичарите на нуклеарната енергија истакнуваат дека, на пример, половина од нуклеарните реактори во соседна Франција, 26 од 56 реактори, во моментов се затворени поради безбедносни инспекции и дефекти. Нуклеарните централи, на крајот од краиштата, не се погодни како резервна опција за обновливите извори, бидејќи се дизајнирани за постојана работа, за разлика од термоцентралите на гас, кои се многу пофлексибилни. Тешко е да се каже дали зелените активисти сега ја гледаат нуклеарната енергија или јагленот како помало зло, но јавното мислење во Германија драстично се промени по војната. Над 80 отсто од Германците, според минатогодишното истражување, сега поддржуваат продолжување на работата на преостанатите нуклеарни централи. Додека нуклеарните централи испуштаат 117 грама ЦО2 на киловат-час енергија, лигнитот произведува повеќе од 1.000 грама ЦО2 на киловат-час.
Ако ги прашате германските власти, отстранувањето на јагленот од електроенергетскиот систем беше само привремено одложено поради виша сила, исто како и со нуклеарната енергија. Може ли европската економска велесила истовремено да се симне од двата извора и да го одржи истото ниво на енергетска безбедност или е ова опасна илузија? Веројатно ќе следува проверка на реалноста веќе годинава.