Фото: Принтскрин

Нападот со дрон врз фабрика од одбранбената индустрија во иранскиот град Исфахан, што се случи изминатиот викенд, може да доведе до отворен регионален конфликт, според проценките на „Њузвик“ кој се повикува на извори од Иран, откако американските весници „Волстрит џурнал“ и „Њујорк тајмс“ го обвинија Израел за инцидентот. Израелците ниту го потврдија, ниту го негираа учеството во нападот, за кој никој досега не презема одговорност. Пентагон, пак, соопшти дека американските воени сили не спровеле напади, ниту други акции во Иран.

– Според иранската перспектива, употребата на воена опција на кое било ниво, ќе значи влез на САД во војна. Засега, Иран смета дека таквата можност е слаба – се вели во изјавата на постојаната мисија на Иран во САД за „Њузвик“, каде што се додава дека последиците од таквиот конфликт по регионот и по светот ќе зависат од Вашингтон, доколку направи погрешна проценка и отпочне војна.

Нападот што предизвикал силна експлозија во центарот на Исфахан бил дело на израелската разузнавачка агенција Мосад, тврди „Њујорк тајмс“ врз основа на информации од разузнавачи што се запознаени со дијалогот помеѓу Израел и САД во врска со инцидентот.

Намената на фабриката не е позната, ниту пак, колкава штета е причинета. Но познато е дека Исфахан е голем центар за производство, истражување и развој на ракети, вклучувајќи го моделот со среден дострел „Шабаб“, со досег што го опфаќа и Израел. Во Исфахан се наоѓаат четири мали постројки за нуклеарни истражувања, но комплексот што бил погоден во саботата се наоѓа во средиштето на градот и се смета дека не е поврзан со овие истражувања.

Иранското министерство за одбрана го опиша инцидентот во Исфахан како „неуспешен напад“ спроведен од три мали дрона. Се тврди дека еден од дроновите бил соборен од противоздушната одбрана на комплексот, додека другите два експодирале откако биле целени од други одбранбени мерки.

– За среќа, неуспешниот напад не доведе до жртви, туку само до мала штета на покривот на фабриката, што не предизвика пореметување на опремата и на активностите во комплексот – наведуваат иранските власти.

САД го идентификуваа Иран како примарен снабдувач на дронови за Русија во војната во Украина, а истакнаа и дека веруваат оти Русија се обидува да набави ирански ракети. Но, американските власти посочуваат дека се верува оти нападот се должи на загриженоста на Израел за сопствената национална безбедност, а не за потенцијалниот извоз на ракети за Русија. Нападот се случи за време на посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Израел, негова прва откако Бенјамин Нетанјаху се врати на премиерската функција.

Во јуни 2021 година, дронови експлодираа во еден од главните ирански центри за центрифуги што се користат за прочистување на ураниум, а пред една година шест дронови експлодираа во Керманшах, главната иранска фабрика за производство и складирање на дронови.

Иранските власти во повеќе наврати негираа дека се обидуваат да произведуваат оружје за масовно уништување.