Фото: Твитер/Новак Ѓоковиќ

Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ ќе може да игра на турнири на територијата на САД, бидејќи американскиот Сенат гласаше за укинување на националната декларација за вонредна состојба предизвикана од пандемијата на коронавирусот, објави денес „Си-ен-ен“.

Американските медиуми јавуваат дека американскиот претседател Џо Бајден ќе ја потпише оваа одлука, бидејќи првиот човек на САД најави дека нема да стави вето.

Сенатот со 68 гласа „за“ и 23 „против“ донесе одлука за прекин на вонредната состојба. Според сегашните правила, странските државјани кои не се вакцинирани против корона вирусот не можат да патуваат во САД. Оваа одлука го спречи Ѓоковиќ претходниот период да отпатува за САД и да игра на турнирите во оваа земја.

Србинот годинава ги пропушти турнирите во Индијан Велс и Мајами, а по најновата одлука на американските власти, тој ќе може да настапи на летната американска турнеја и на САД Опен, кој е закажан од 28 август до септември.