Фото: Принтскрин

Прославениот српски фудбалер и тренер Синиша Михајловиќ, кој почина во петокот на 54-годишна возраст по долга и тешка битка со леукемија, денеска беше погребан во Рим.

На последното испраќање на легендарниот Миха присуствуваа илјадници луѓе, меѓу кои и голем број негови поранешни соиграчи и познати фудбалски имиња.

Последен пат од Михајловиќ, меѓу другите, се простија Роберто Манчини, Франческо Тоти, Дејан Станковиќ, Александар Коларов, Џанлуиџи Донарума и многу други.

Од својот поранешен тренер се прости и целиот тим на Болоња, на чија клупа Михајловиќ седеше до почетокот на септември.

На Михајловиќ во јули 2019 година му беше дијагностицирана леукемија по што поранешниот европски и светски првак со Црвена звезда почна долга борба со болеста.

Неговата здравствена состојба во еден период се подобри по што повторно ја презеде Болоња, но болеста потоа се врати.

Роден во Вуковар, Михајловиќ кариерата ја почна во Борово, по што настапуваше за Војводина, Црвена звезда, Рома, Сампдорија, Лацио и Интер.

Со Црвена звезда ја освои титулата европски првак во 1990 година како дел од генерацијата со Дарко Панчев и Илија Најдоски., а беше и шампион на Италија со Лацио и Интер. Со Лацио триумфираше во Купот на УЕФА и Суперкупот.

За репрезентацијата на Југославија одигра 63 натпревари и постигна десет голови.

Михајловиќ ќе остане запаметен како еден од најдобрите изведувачи на слободни удари. Заедно со Џузепе Сињори се единствените играчи во историјата на Серија А кои постигнале три голови на еден натпревар од слободни удари.

Синиша Михајловиќ го држи и рекордот, заедно со Андреа Пирло, според бројот на постигнати голови во Серија А од слободни удари (28).

Српскиот фудбалер во 2019 година беше прогласен за почесен граѓанин на Болоња.

Како тренер во два наврати ја предводеше Болоња, а седеше и на клупите на Катанија, Фиорентина, Сампдорија, Милан и Торино., како и на репрезентацијата на Србија.