Тело на 26-годишен македонски државјанин е пронајдено на во саботата околу 21 часот во близина на трговскиот центар „Парадајз“ во Софија, јавува дописникот на МИА од Бугарија.

Телото е испратено во Одделот за судска медицина. За случајот е поведена предистражна постапка.

Македонското Министерство за надворешни работи известува оти добило информација дека македонски државјанин со иницијали С.С. бил пронајден починат во Бугарија.

– Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, веднаш штом доби информација за починат наш државјанин, С. С. во Република Бугарија, преку Амбасадата на Северна Македонија во Софија, стапи во контакт со надлежните органи, од каде доби првични информации за случајот – се истакнува во соопштението.

Како што информираат, преку Министерството за внатрешни работи веќе е стапено во контакт со семејството на починатиот во земјава, и истите се соодветно информирани за случајот.

Министерството за надворешни работи и Амбасадата во Софија, потенцираат од таму, стојат на располагање за комуникација и асистенција, како и во постојана и непосредна комуникација со надлежните органи на Бугарија кои ја водат истрагата.

– За деталите на случајот јавноста ќе биде благовремено известена – се подвлекува во соопштението.