Стошевски, Јаневски и Илиќ

ТРЕТ ВЕТЕРАНСКИ ТУРНИР ВО ЗАБРЗАН ШАХ

Скопскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Љубомир Илиќ (2.050 рејтинг-поени) победи на третиот турнир во забрзан шах за ветерани (60 години и повозрасни), кој во девет кола (време за размислување 20 минути плус 10 секунди по секој одигран потег, по играч), во организација на здружението „Шаховски клуб на ветерани Скопје 72“, а во соработка со Спортската федерација на слепи и слабовидни лица, се одржа викендов во Скопје, под наслов „Гроздоберски“.

Во конкуренција на 22 учесници (тројца ФМ), по два натпреварувачки дена, Илиќ освои 7,5 поени (шест победи и три ремија), колку што имаше и второпласираниот Илија Стошевски (2.006), но со послаб дополнителен критериум од победникот. Трет беше Борис Јаневски (1.637) со 6,5 поени. Победникот ја освои паричната награда од 4.000 денари, вториот 3.000, третиот 2.000, четвртиот 1.500 и петтиот 1.000 денари.
Четвртиот и последен турнир од оваа серија ветерански турнири во забрзан шах, кои ги организира здружението „Шаховски клуб на ветерани Скопје 72“, предвидено е да се одржи на 18 и 19 ноември, по што ќе биде познат и севкупниот победник за годинава. Г.И.