ЏУДО

Џудистите на Дрим од Струга постигнаа забележителен успех на меѓународниот новогодишен турнир „Иво Реја куп“, кој се одржа во словенечкиот град Целје. Стружани, кои на татамите настапија со седум натпреварувачи, освоија вкупно шест медали, од кои по еден златен и бронзен и четири сребрени.
Највисоко на подиумот се искачи Амар Бајрамоски, втори места освоија Катерина Клењоска, Мила Стојмиловска, Давид Спироски и Мишела Јаулеска, додека како трета настапот го заврши Елеонора Јосифоска. Џудистката Драгица Рафтоска го освои петтото место.
На овој силен меѓународен турнир настапија вкупно 265 џудисти и џудистки од 41 клуб од пет земји.
Ова претставува само продолжување на успешните настапи на стружани, кои и на претходно одржаниот традиционален меѓународен турнир „Трофеј Пантер“, во Бијелина (БиХ), се закитија со осум медали, од кои три беа златни, еден сребрен и четири бронзени, меѓу вкупно 600 џудисти, од 60 клуба од 11 држави. Г.И.