Фото: ЕПА

Тој е целосно посветен да го направи Астон Мартин конкурентна сила, рече директорот на тимот, Мајк Крак

ФОРМУЛА 1

Фернандо Алонсо го продолжи договорот со Астон Мартин до крајот на 2026 година и вели дека неговата одлука да потпише продолжување на договорот е мотивирана од неговото верување дека тимот го има најдобриот „проект“ за кога ќе бидат воведени новите регулативи во Формула 1 во 2026 година, пишува „Скај спорт“. Астон Мартин објави дека Алонсо го продолжил договорот до крајот на 2026 година. Алонсо е највозрасниот возач сезонава во Формула 1 на возраст од 42 години, и ако ја заврши сезоната во 2026 година ќе стане првиот 45-годишник што ќе се трка во овој спорт по Греам Хил во 1975 година, пишува „Скај спорт“.
Тој рече дека пензионирањето „никогаш не ми паднало на памет“, додавајќи: „Чувствував дека сакам да возам премногу за да застанам во моментов“, пренесе „Би-би-си“. Директорот на тимот, Мајк Крак, вели дека двократниот светски шампион „е гладен за успех, вози подобро од кога и да е, поподготвен е од кога било“.
– Тој е целосно посветен да го направи Астон Мартин конкурентна сила. Обезбедувањето на долгорочната иднина на Фернандо со Астон Мартин е фантастична вест. Изградивме силна работна врска во претходните 18 месеци и ја делиме истата решеност за успех на овој проект. Бевме во постојан дијалог во претходните неколку месеци и Фернандо беше доследен на зборот: кога реши дека сака да продолжи да се трка, прво разговараше со нас. Фернандо покажа дека верува во нас и ние веруваме во него – рече Крак, пренесе „Би-би-си“.
Алонсо му се приклучи на Астон Мартин во почетокот на сезоната во 2023 година. Астон Мартин направи извонреден скок напред, и не само што Алонсо можеше да се врати на подиумот првпат од 2013 година, туку тој, исто така, беше на подиумот во шест од првите осум трки, пишува „Би-би-си“. Н.М.