ТЕНИС

Откако стана најмладиот тенисер на врвот на светската ранг-листа, 19-годишниот Карлос Алкараз веќе подготвува план подолго да остане светски рекет број еден, пишува „Ројтерс“. Шпанецот се искачи на врвот на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) откако неодамна ја освои својата прва гранслем-титула на САД опен.
– Една од моите цели е да ја завршам годината како број еден. Сега кога стигнав таму, мојата цел е да останам што е можно повеќе денови, недели и месеци. Ќе работиме за тоа – рече Алкараз за интернет-страницата на АТП, пренесе „Ројтерс“.

Алкараз и Рафаел Надал, кој ги освои титулите на Австралија опен и на Ролан Гарос годинава, се единствените тенисери што го запечатија своето место за финалето на АТП во Торино. Турнирот за завршување на сезоната во машка конкуренција се игра меѓу најдобрите осум играчи.
– Имам неколку турнири пред финалето на АТП и ќе дадеме сѐ од себе. Имам неколку важни турнири и една цел е да се обидам да го освојам АТП-финалето – изјави Алкараз.