Акерман најбрз на 11. етапа

И за време на оваа трка, многу натпреварувачи паднаа на лизгавата патека

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д’ИТАЛИЈА

Германецот Паскал Акерман е победник на 11-та етапа на велосипедската трка Џиро д’Италија, додека Британецот Герет Томас го задржа водството во генералниот поредок. Возачот на тимот на Емирати победи во фотофинишот на етапата долга 219 км од Камајоре до Тортона пред Италијанецот Џонатан Милман од тимот на Бахреин Викториус, додека трет беше Британецот Марк Кевендиш од Астана.
И за време на денешната етапа, многу натпреварувачи паднаа од велосипедите на лизгавата патека, на околу 50 км до целта, меѓу кои и Томас, Словенецот Примож Роглич и Британецот Тео Гејган Харт, кој беше пренесен во болница поради повреда на ногата.
Во генералниот пласман прв е Томас од Инеос со 44 часа 35 минути и 35 секунди. Роглич од Џамбо-Визма е втор со две секунди заостанување, а трет е Португалецот Жоао Алмеида од Емирати со 22 секунди. Следната 12-та етапа беше на програмата вчера од градот Бра до Риволи во должина од 179 км. Г.И.