Фото: Новак Ѓоковиќ/Твитер

Првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ уште не одлучил дали ќе настапува на Австралија опен во Мелбурн, откако претседателот на турнирот Крег Тајли вчера потврди дека сите тенисери и тенисерки ќе мора да бидат вакцинирани за настап на првиот гранслем в година. Деветкратниот освојувач на турнирот се обиде да го објасни неговиот став по ова прашање.

– Не сум зборувал со луѓето во Австралија и ги чекав вестите за тоа каква ќе биде ситуацијата. Сега го знам тоа и ќе почекаме. Мислам дека слободата за избор е основна за секого, за мене или за било кој друг. Не е важно дали се работи за вакцинација или за нешто друго во животот. Треба да имаш избор во животот, во овој случај, што ќе ставиш во твоето тело – вели 34-годишниот Србин.

Александер Зверев кој синоќа го победи Ѓоковиќ во полуфиналето на завршниот тениски мастерс, вели дека се надева оти неговиот близок пријател ќе биде во Мелбурн.

– Ова е тешка тема, бидејќи лесно станува политичка. Но, гостуваме во друга земја и мора да ги почитуваме нивните правила. Без него ќе биде полесно да се стигне до титулата, тоа е очигледно, но како број еден тој треба да биде таму. Се надевам дека австралиската влада ќе го направи вистинскиот потег – додава Зверев.