Тој на 2 март 1962 година, на мечот со Њујорк, постигна точно 100 поени. Рекордот што го собори беше негов, а го постави претходниот декември кога постигна 78 коша. Чембрлен, едно од најзапаметените имиња во кошаркарската игра, двапати бил првак во лигата, седум пати најдобар стрелец, четири пати најкорисен играч, 13 пати учесник на олстар-натпреварот… и бил и причина за промена на неколку правила во тој спорт

НБА

На 2 март 1962 година Вилт Чембрлен го постави НБА-рекордот во постигнати кошеви на еден натпревар, рекорд што и денес не е надминат. Чембрлен не освои толку многу шампионски титули како Бил Расел или Карим Абдул-Џабар, но Вилт, сепак, е едно од најзапаметените имиња во кошаркарската игра. Рекордот се случи кога Чембрлен играше за Филаделфија, а неговиот тим славеше над Њујорк со 169-147. Во период од изминати 59 години, само Коби Брајант беше најблиску до овој рекорд, постигнувајќи 81 кош во 2006 година.
Она што можеби го прави подвигот на Чембрлен уште попопуларен, е тоа што мечот не беше пренесуван на ТВ, така што не постојат видеоснимки, а имало околу 4.000 гледачи и ограничено присуство на печатот во таа студена зимска ноќ, за да видат каков меч ќе влезе во историјата на кошарката. Чембрлен тогаш постигна 23 поени во првата, 18 во втората, 28 во третата и 31 во четвртата четвртина. Рекордот што центарот (216 см) го собори ноќта беше всушност негов, го постави претходниот декември кога постигна 78 поени во поразот од ЛА лејкерс. Но и покрај одушевувањето во светот на кошарката, Чембрлен тогаш рекол дека можел да постигне и 140 коша.

Чембрлен (1936-1999) двапати бил првак со својот клуб во лигата, седум пати најдобар стрелец, четири пати најкорисен играч, 13 пати бил учесник на олстар-натпреварот, а седум пати играл во првата петорка, по еднаш бил најкорисен играч во лигата и на олстар-дуелот. Настапувал за Филаделфија, ЛА лејкерс и за Сан Диего. Тој не освои толку многу шампионски титули како Бил Расел или Карим Абдул-Џабар, но Вилт, сепак, е едно од најзапаметените имиња во кошаркарската игра. Според податоците на интернет-страницата на НБА, тој има најмногу мечеви со барем 50 поени, 118, најмногу поени како дебитант, 2.707, највисок процент на погодоци во една сезона, 72,7…

Тој бил и причина за промена на неколку правила во кошарката, како забраната за офанзивно играње над обрачот додека топката има слегувачка линија, проширување на рекетот, ревидирање на правилото за изведување слободни фрлања… Колку беше доминантен во нападот и во скоковите, покажуваат и податоците дека во кариерата постигнал неверојатни 31.419 поена и 23.924 скока. Чембрлен е член на Кошаркарската куќа на славните од 1978 година, во 1980 година беше вклучен во списокот на 35 најголеми кошаркари во НБА-лигата, а во 1996 година, тој доби големо признание кога беше вклучен во списокот на 50-те најголеми играчи во историјата на НБА-лигата.


Повеќе од 60 поени постигна 32 пати

Вкупно 29 кошаркари имаат постигнато 60 или повеќе поени на еден натпревар во НБА-лигата, додека само шест играчи му се приклучиле на клубот од 70 поени. Само шест играчи имаат постигнато 60 или повеќе поени повеќепати: Вилт Чембрлен (32 пати), Коби Брајант (шест), Мајкл Џордан (пет), Елгин Бејлор (четири), Џејмс Харден (четири) и Демијан Лилард (трипати). Џордан и Бејлор се единствените што постигнале најмалку 60 поени на натпревар за време на плејофот, а секој го постигнал тоа по еднаш…


НАЈМНОГУ ПОЕНИ НА ЕДЕН МЕЧ

ИГРАЧ                            ПОЕНИ                  ГОД.
Вилт Чембрлен               100                       1962
Коби Брајант                  81                         2006
Вилт Чембрлен               78                         1961
Вилт Чембрлен               73                         1962
Вилт Чембрлен               73                         1962
Дејвид Томсон                73                         1978
Вилт Чембрлен               72                         1962
Егин Бајлор                    71                         1960
Дејвид Робинсон             71                         1994
Вилт Чембрлен                70                         1963
Дејвид Брокер                 70                         2017