Успешна сезона за Јада, помалку ФИС поени

Сезоната 2018/19 би ја оквалификувал како многу успешна за мене. Зацртаната цел беше намалување на ФИС поените, за 10 до 15, тоа и го постигнав, односно од 95 стигнав до 80 поени на последната ранг листа на Светската скијачка федерација (ФИС) што е најдобриот резултат за еден македонски нордиски скијач. Втората цел беше биатлонот и обезбедувањето норма за Светското првенство (СП) која со мали потешкотии успеав да ја исполнам, ги сумира постигнувањата олимпиецот, Ставре Јада.

Тој е посебно горд на напредокот во биатлонот кој според него, е еден од најтешките, ако не и најтежок аеробен спорт, каде што се потребни многу напорни тренинзи, голема концентрација, посветеност и во кој голема улога има севкупната психо-физичка состојба.

– Задоволен сум од постигнувањата, само моите најблиски и тренерот Ѓоко Динески, знаат колку напорно тренирав почнувајќи од летото 2018-та и досега истрчав над 6.000 км на тренинзите. Сега ќе си дозволам мало опуштање, по што ќе ги започнам подготовките за новата сезона – вели Јада, додавајќи оти напорната работа и вложениот труд на тренинзите сигурно еден ден ќе се претвори во добар резултат на некое големо натпреварување.

И според селекторот Динески, ова е една од најуспешните сезони за македонското нордиско скијање во која претстои уште Балканијадата во биатлон во Банско, Бугарија, кон крајот на март.

– Задоволен сум од резултатите во сите категории, напредокот кај сите скијачи е евидентен, квалитетот се повеќе доаѓа до израз и јас верувам дека ќе продолжиме со исто темпо. Сега ни претстои сумирање на постигнатото и правење планови за идната сезона за што имаме поддршка од СФМ, АМС, потоа ИБУ, ФИС итн – вели Динески. Л.Д.