Тампа беј е првиот тим во историјата на НФЛ што супербоул-мечот го игра на домашен терен, против ланскиот шампион Канзас сити. На стадионот „Рејмонд Џејмс“, кој е со капацитет од 65.000 места, ќе има само 25.000 гледачи, меѓу кои и 7.500 вакцинирани здравствени работници, на кои НФЛ им даде бесплатни билети

Годинашниот Супербоул, финален натпревар во американската НФЛ-лига, помеѓу бранителот на титулата Канзас сити и Тампа беј, кој треба да се игра в недела, по полноќ, на Флорида, ќе биде поинаков во многу нешта во споредба со поранешните финалиња, се истакнува во најавата на мечот на „Јаху спорт“.
На теренот ќе бидат двете мегаѕвезди Патрик Махомс и Том Брејди, но сѐ друго ќе биде различно поради пандемијата на ковид-19. Махомс, ланскиот МВП на Супербоулот, може да му помогне на Канзас сити да стане првиот тим што освоил две титули во низа, по Њу Ингланд патриотс во 2003 и 2004 година. На Брејди (43) од Тампа беј, кој веќе има шест супербоул-титули (сите со Њу Ингланд), најмногу во историјата на НФЛ, неделниот меч ќе му биде 10-ти од ваков вид во кариерата.
На стадионот „Рејмонд Џејмс“ во Тампа, Флорида, кој е со капацитет од 65.000 места и за секое од овие места вообичаено има тројно повеќе барања за влезници, ќе има само 25.000 гледачи, меѓу кои и 7.500 вакцинирани здравствени работници, на кои НФЛ им даде бесплатни билети. Тампа беј е првиот тим во историјата на НФЛ што супербоул-мечот го игра на домашен терен.
Годинава изостанаа гламурозните забави што беа неизбежен дел од Супербоулот. Немаше промоции на брендови, немаше многу познати личности од сите бранши и забави секоја вечер, до почетокот на мечот. Ковид-19 сето тоа го сведе на минимум или го претвори во виртуелен настан.
Изостана и големото медиумско покривање на настанот.