Ромео Сакети

Подмладена Италија во квалификациите за ЕП

Под слоганот „Ја градиме иднината“, од 17 февруари во Неапол, 16 италијански кошаркари ќе ги почнат подготовките за квалификациите за Европското првенство во 2021 година. Селекторот Ромео Сакети се реши со многу подмладен состав да игра на мечевите во февруари во групата Б со Естонија и со Русија (во таа група е и Македонија). „Аѕурите“ директно се пласирани на ЕП 2021, како еден од коорганизаторите. По пауза од неколку години, во селекцијата се повикани Андреа де Николао, Филипо Балди Роси, Симоне Фонтекио, Микеле Рузиер и Стефано Тонут. Други играчи како резерви на располагање се Лука Кампогранде, Леонардо Канди, Рафаел Гаспардо и Матео Тамбоне. Во составот има играчи од 2003 година, како што е Матео Спањоло, талентиран кошаркар на Реал Мадрид, потоа Џордано Бортолани, од класата „2000“, и Франческо Кандуси, кој, пак, нема ниту еден настап во Серија А. За мечевите се повикани и Никола Акеле, Андреа Мезаноте, Андреа Пекиа, Џампаоло Ричи, Марко Спису, Амедео Теситори, Леонардо Тоте и Микеле Витали. Г.И.

Салах се доближи наседум домашни гола до Меси

Мохамед Салах, напаѓачот на Ливерпул, постигна два гола на саботниот меч против Саутемптон (4-0), за него 12-ти на домашен терен (на 13 натпревари), на стадионот „Енфилд“, најмногу од сите во фудбалската Премиер-лига сезонава. Откако пристигна во Ливерпул во јули 2017 година, на „Енфилд“ тој постигна 44 гола, исто колку и Роберт Левандовски за Баерн на домашен терен, на арената „Алијанц“ во Минхен, седум помалку од рекордните 51 на Лионел Меси (сезонава има 11 гола на 11 меча) на „Ноу камп“ во Барселона. Друга необична статистика во која е вклучен Салах е дека во минатите три години, кога тој бил во тимот, Ливерпул не загубил ниту еден натпревар на стадионот „Енфилд“. Л.Д.

По пауза од два месеца продолжува ЛШ

Со денешниот меч (од 19 часот) во арената „Шпаркасе“ во Кил, помеѓу Кил и Вардар, по повеќе од два месеца пауза ќе продолжат натпреварите во елитното клупско ра­кометно натпреварување Лигата на шампионите. Кил е лидер на табелата во групата Б со 16 бода од седумте победи и двете ремија, а единствениот пораз го претрпе од Порто на домашен терен. Вардарци, пак, продолжуваат од шестата позиција и деветте бода од четирите победи и едниот нерешен резултат, а имаат и пет порази. Другите средби од 11-то коло се играат в сабота и в недела. Та.Д.

Кина се повлече од квалификациите за ЛОИ

Поради ширењето на коронавирусот женската ракометна репрезентација на Кина го откажа учеството во квалификациите за пласман на Летните олимписки игри, јавија германски медиуми. Кина требаше да игра во групата со Русија, Србија и со Унгарија, а на нејзиното место сега ќе игра Казахстан, кој, пак, влезе на местото на Северна Кореја, која претходно се откажа. Казахстан требаше да игра во групата со Норвешка, Црна Гора и со Романија, така што негова замена во таа група би била селекцијата на Хонг Конг. Та.Д.