АТЛЕТИКА

Два рекорда на Светскиот ден на рекорди

Угандскиот атлетичар Џошуа Чептегеи постави нов светски рекорд на 10.000 метри, а на 5.000 метри во женска конкуренција тоа го направи и Етиопјанката Летесенбет Гидеј, на атлетскиот митинг одржан во Валенсија, пишува „Би-би-си“. Чептегеи (24) ја заврши трката за 26:11,00 минути, со што за повеќе од шест секунди го собори досегашниот рекорд на Етиопјанецот Кенениса Бекеле (26:17,53 минути), поставен пред 15 години, што беше и најдолг светски рекорд на 10.000 метри во атлетската историја. Гидеј (22), пак, 5.000 метри истрча за 14:06,62 минути, со што го надмина дотогашниот рекорд на својата сонародничка Тирунеш Дибаба (14:11,15) од 2008 година.
Рекордите се поставени на т.н. Светски ден на рекорди, еднодневно натпреварување во шпанскиот град Валенсија, во присуство на 400 гледачи. За Чептегеи ова е четврти светски рекорд за 10 месеци, откако во декември го собори рекорот на 10.000 метри, а во февруари и на 5.000 метри, двата на улични трки. Во „Дијамантската лига“ во Монако во август за две секунди го собори и светскиот рекорд на Бекеле, стар 16 години, на 5.000 метри. Г.И.


ФУДБАЛ

Шпанија и Португалија заеднички кандидати за организација на СП 2030

Шпанија и Португалија потпишаа договор за заедничката кандидатура за организација на Светското првенство (СП) во 2030 година, соопшти Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ), пренесува „Ројтерс“. Федерациите на двете земји ратификуваа договор за „промовирање на заедничката кандидатура за организација на СП 2030 и за воспоставување заедничка стратегија“, се вели во соопштението на РФЕФ.
Федерациите, кои го потпишаа договорот пред пријателскиот натпревар во Лисабон (0-0), лани почнаа со анализа на можноста за заедничка понуда. Шпанија, домаќин на СП 1982, беше заинтересирана, заедно со Португалија, за организација на СП 2018. Португалија никогаш не била домаќин на СП, но го организира Европското првенство во 2004 година.
Аргентина, Уругвај, Чиле и Парагвај најавија дека заеднички ќе се кандидираат за домаќини на СП 2030, што може да има сентиментална вредност, бидејќи Уругвај беше домаќин на инаугуративниот Мундијал во 1930 година.
Четирите фудбалски асоцијации во Велика Британија, исто така, размислуваат за заедничка понуда, слично како Бугарија, Србија, Грција и Романија, а има најави и за други потенцијални кандидатури.
Процесот за избор официјално почнува во 2022 година, а Светската фудбалска федерација (ФИФА) треба домаќините на СП 2030 да ги избере во 2024 година. Л.Д.


ТЕНИС
Досега 12 неносители станале гранслем-прваци

Слоан Стивенс (САД) е последната во 12-члената низа на тениски „шампиони од сенка“, која како неносител стигна до гранслем-титула, во 2017 година, на САД опен. Шанса да влезе во овој „клуб“ има и една од годинашните полуфиналистки на Ролан Гарос, Ига Свјонтек од Полска или Надја Подороска од Аргентина, која на дебито на турнирот во Париз преку квалификациите стигна до најдобрите четири (двете вчера меѓу себе играа во полуфиналето).
Летонката Јелена Остапенко (во 2017), Аргентинецот Гастон Гаудио (2004), Швеѓанецот Матс Виландер (1982) и Бразилецот Густаво Куертен (1997) се четворицата што како неносители го освоиле пехарот на Ролан Гарос.
Австралиецот Марк Едмондсон (во 1976 година), неговата сонародничка Крис О’Нил (1978) и Американката Серена Вилијамс (2007) се тројцата шампиони од сенка, кои стигнале до титула на Австралија опен.
На Вимблдон, пак, Германецот Борис Бекер (во 1985) и Хрватот Горан Иванишевиќ (во 2001) се тенисерите што го кренале пехарот на турнирот во Лондон, а не биле носители.
САД опен, како неносители, го освоија и Американецот Андре Агаси (во 1994 година) и Белгијката Ким Клајстерс. Таа и Иванишевиќ се единствените што победиле на гранслем-турнир на кој настапиле со т.н. вајлд-карта (покана). Та.Д.