Фото: Игор Бансколиев

КОШАРКА – НБА

Чикаго, Мајами, Оклахома и Минесота во трка за уште две места во плејофот

Кошаркарите на Чикаго и на Оклахома се доближија до пласман во плејофот во НБА-лигата откако ги поминаа првите пречки, на дуелите со Торонто, односно со Њу Орлеанс.
На гостувањето кај Торонто, Чикаго победи со 109-105 иако во текот на третата четвртина губеше со 19 поени разлика (47-66). Решавачкиот меч за пласман во плејофот, Чикаго ќе го игра в сабота наутро на гости кај Мајами. Победникот од овој дуел од Источната конференција, во првото коло од разигрувањето за титулата ќе игра со најдобриот тим од основниот дел на сезоната, Милвоки.
Оклахома на гости во неизвесен натпревар славеше над Њу Орлеанс со 123-118 и со тоа се пласира во финалето на квалификациите од Западната конференција, каде што ќе се сретне со Минесота, в сабота наутро, на гости. Победникот од овој дуел во првото коло од плејофот ќе игра со Денвер, првопласиран во Западната конференција. Г.И.


УЕФА формира советодавен одбор за фудбалски правила, ВАР, календар…

Жозе Мурињо, Герет Саутгејт, Зинедин Зидан треба да бидат дел од новиот советодавен одбор на Европската фудбалска унија (УЕФА) составен од елитни тренери и поранешни фудбалери, кој треба да се справува со прашањата околу правилата на играта, судењето и фудбалскиот календар, пишува британски „Тајмс“. Со одборот ќе претседава Звонимир Бобан, актуелен шеф за фудбалот на УЕФА, а во одборот засега се и Рио Фердинанд, Карло Анчелоти, Паоло Малдини, Фабио Капело, Хавиер Занети, Луис Фиго, Филип Лам, Роналд Куман, Михаел Лаудруп, Рафаел Бенитез, Роберто Мартиња, Предраг Мијатовиќ, Јирген Клинсман, Руди Фелер, Петр Чех, Хуан Мата и Роби Кин. Првиот состанок треба да се одржи на 24 април, а одборот ќе има задача да ги разгледа прашањата околу ВАР, натпреварите на УЕФА, благосостојбата на играчите, тактиката и развојот на младите. Шефот на судиите на УЕФА, Роберто Розети, исто така ќе даде придонес. Советодавниот одбор беше одобрен од Извршниот комитет на УЕФА во Лисабон, а состаноците треба да се одржуваат еднаш годишно во седиштето на УЕФА, во Нион (Швајцарија). Н.М.


Мбапе цели и на олимпискиот сон

Килијан Мбапе изјави дека ќе биде фудбалер на Пари сен Жермен и во следната сезона, а француската суперѕвезда исто така изјави и дека се надева дека ќе игра за својата земја на Летните олимписки игри во Париз в година, пренесе агенцијата „Франс прес“. Мбапе, победникот на Светското првенство со Франција во 2018 година и вицешампион во минатата година, рече дека негов „сон“ е да ја претставува својата земја на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз.
– Се надевам дека ќе бидам таму. Сите знаат дека отсекогаш сум сонувал да играм на Олимписките игри, но тоа не зависи од мене – рече тој.
Клубовите обично не се обврзани да ги пуштат играчите да се натпреваруваат на олимписки игри, бидејќи тоа не е дел од меѓународниот календар на натпревари на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
– Нема да притискам, бидејќи ако луѓето не сакаат да играм на ЛОИ, тоа значи дека не смеам. Вистината е дека тоа не е дел од календарот на ФИФА. Морам да размислувам за мојот клуб, но и за мојата репрезентација, бидејќи пред него е Европското првенство, па затоа треба да се разговара. Сите овие работи треба да се разгледаат, но секако дека би било сон да се игра на Олимпијадата, уште повеќе во Париз – рече Мбапе. Н.М.