Уште што непознато ни донесе пандемијата на ковид-19?

Пандемија на ковид-19 беше прогласена во март 2020 година и, еве, по цели три години, ова тешко и досега непознато поглавје на здравствена криза полека се затвора. Иако се дискутираат можностите за артефициелно создавање на вирусот, како и за сомнителните резултати од вакцинацијата, светот сѐ уште е соочен со многу непознаници во врска со последиците од оваа инфекција. Во денешниот напис издвојувам интересни, научно објавени укажувања поврзани со овој вирус.
Според новото истражување објавено во Списанието за извештаи за Алцхајмерова болест (Journal of Alzheimer’s Disease Report, 2023), инфекцијата со САРС-КоВ-2 покажала значително влијание врз когнитивната функција кај пациенти со почетна деменција. Студијата потврдила дека пациентите со сите подвидови на деменција (Алцхајмер, васкуларна, Паркинсонова или фронтотемпорална деменција) по заразување со САРС-КоВ-2 манифестираат рапидна прогресија на клиничките симптоми. Брзо и агресивно детериоризирање на текот на болеста кај пациентите било забележано по прележана инфекција со вирусот дури и кај оние што претходно биле стабилни во когнитивната функција. Кај пациентите била докажана атрофија на кортикалниот дел од мозокот и коагулопатија на малите крвни садови, заедно со инфламација, сите придружени и со промени во белата маса, што се најбитни индикатори за патоген мозочен процес.
Врз основа на прогресијата на когнитивните дефицити и поврзаноста со промените во интензитетот на белата маса, авторите на оваа студија предлагаат нов термин: „ИЗБЛЕДЕНА МЕМОРИЈА“ (т.е. замор, намалена флуентност, дефицит од внимание, депресија, извршна дисфункција, забавена брзина на обработка на информации и супкортикално оштетување на меморијата). Различните психосоцијални влијанија при инфекциите од ковид-19, когнитивните дефицити, кога се придружени со депресија и/или апатија и замор кај пациенти со или без претходно постојна деменција, налагаат прецизна евалуација бидејќи се наметнуваат дополнителен стрес и оптоварување на старателите, едно од најважните, но често заборавени прашања што може да имаат потенцијал да го попречат лекувањето.
Дополнително, во сличен контекст е објавена студија во Списанието за општа медицина (Journal of General Internal Medicine, 2023), во која се потврдува дека пациенти со долга инфекција од ковид-19 пројавиле умерени и тешки растројства на спиењето. Истражувањето било направено во Кливлендската болница, САД, и покажало дека 67,2 отсто од болните пројавиле умерена до тешка несоница, додека 21,8 отсто манифестирале тежок замор. Притоа, припадниците на црната раса биле трипати позасегнати од белата популација. Овие наоди не само што ја нагласуваат важноста за идентификација на нарушувањето на спиење кај долготрајниот ковид, имајќи го предвид неговото влијание врз квалитетот на животот на пациентите, дневната работа и здравствената состојба на пациентите, туку тие исто така го свртуваат вниманието на постојаните нееднаквости забележани во текот на пандемијата на ковид-19.

Од друга страна, се чини дека анксиозноста и депресијата што настанале како резултат на пандемијата на ковид-19 предизвикуваат втора „средовечна криза“ кај оние на возраст од 50 и постари. Истражувачите на Кралскиот колеџ во Лондон, (2023) велат дека кај примерок од 16.000 испитани возрасни луѓе, се потврдила средовечна криза, а таа може да ги влоши и забрза невродегенерацијата, менталното здравје и целокупните здравствени нарушувања.
Познато е дека психолошкиот стрес го достигнува својот врв токму во средната возраст, пред повторно да се намали како што луѓето стареат. Ова често се нарекува „средовечна криза“ во менталното здравје. Притоа, покажано е дека жените се бореле повеќе од мажите со своето ментално здравје во сите возрасни групи, проширувајќи ги и онака значителните родови нееднаквости во менталното здравје што постоеле пред пандемијата.
Истражувачите објаснуваат дека оваа непредвидена втора ментална здравствена криза во средината на животот може да го забрза и влоши почетокот на хронични ментално здравствени проблеми и други поврзани здравствени тешкотии, несразмерно влијаејќи на жените и зголемувајќи го притисокот врз здравствениот систем.
Знаеме дека анксиозноста и депресијата се меѓу водечките причини за болести низ светот. Покрај страдањето што го предизвикуваат тие самите, проблемите со општото ментално здравје се тесно поврзани и со голем број физички здравствени проблеми, вклучувајќи зголемен морбидитет. Накратко, заразата со овој непознат вирус предизвика многу други проблеми во човечкото здравје што сѐ уште се истражуваат.
Во овој контекст на засегање на мозочната функција, се наметнува едно битно прашање: Дали оштетениот мозок може да се регенерира? Дали овој регенеративен потенцијал важи и за постарите и кај оние со невродегенеративни болести? Сите овие прашања предизвикаа големи контроверзии во невронауката денес.
Една нова студија објавена во врвното списание „Неурон“ го истражува регенеративниот потенцијал на човечкиот мозок при стареење и при невролошки заболувања, што би можело да обезбеди алтернатива на конвенционалните стратегии за подобрување или обновување на функцијата на мозокот. Неодамнешниот напредок во технологиите за транскриптомија на една клетка обезбеди вредни сознанија за различните типови на клетки пронајдени во човечкиот мозок при различни мозочни заболувања. Да појаснам, транскриптомски технологии претставуваат методи за истражување на севкупните РНК-транскрипти на еден организам. Со испитување на транскриптомите е можно да се види кои клеточни процеси се активни во одреден момент.

Овие нови технологии, кога се соодветно применети, нудат единствена можност да се мапира регенерацијата на хипокампусот во човечкиот мозок и да се истражи кои типови и состојби на клетки се можеби најмногу подложни на терапевтски интервенции при стареење, невродегенеративни и невропсихијатриски заболувања.
Идејата за искористување на регенеративниот потенцијал на човечкиот мозок при физиолошко стареење или невролошки заболувања претставува особено атрактивна алтернатива на конвенционалните стратегии за подобрување или обновување на функцијата на мозокот. Сепак, главното основно прашање што треба да се реши е дали човечкиот мозок навистина поседува способност да се регенерира.
Постоењето на човечка возрасна хипокампална неврогенеза е во центарот на жестока научна дебата многу години. Појавата на едноклеточни транскриптомски технологии првично се сметаше за лек за решавање на оваа контроверзност. Неодамнешните студии за секвенционирање на едноклеточна РНК во човечкиот хипокампус сепак дадоа спротивставени резултати.
Сепак, во студијата се нагласува дека иако ветува, едноклеточното транскриптомско профилирање на хипокампусот во човечкиот мозок може да се помеша со методолошки, концептуални и биолошки фактори, кои треба постојано да се решаваат низ студиите и отворено да се дискутираат во научната заедница. Значи, поставеното прашање нема сигурен позитивен одговор и неопходни се и понатамошни истражувања во таа насока. Затоа, апелот е да го чуваме нашиот мозок од какви било лоши влијанија!