ФУДБАЛ
Ибрахимовиќ трет со 300 гола во петте најсилни европски лиги

Милан ремизира на гости со Удинезе (1-1), во меч од италијанската фудбалска Серија А, со голот со ножички во судиското дополнување на Златан Ибрахимовиќ (40), за него седми сезонава. Со тоа шведскиот интернационалец Ибрахимовиќ им се приклучи на Кристијано Роналдо (483 гола) и на Лионел Меси (475) во ексклузивниот „Клуб 300“, како единствени што постигнале барем 300 погодока во петте најсилни европски лиги (Англија, Германија Италија, Франција и Шпанија) од јануари 2000-та досега.
Ибрахимовиќ има 154 гола во Италија, 113 во Франција, 17 во Англија и 16 во Шпанија на 450 одиграни натпревари. Тука не се вклучени 53-те гола во американската лига МЛС и 35-те во холандската Ередивизија. Ибрахимовиќ замина во Јувентус од Ајакс во 2004 година, а потоа настапуваше и за Интер, Барселона, Милан, ПСЖ и за Манчестер јунајтед.
Најефикасна сезона на Ибрахимовиќ му беше 2015/2016 во ПСЖ, кога постигна 38 гола, плус рекордни 13 асистенции.


ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА
Рангник како Мангал во 1903 година

Кристијано Роналдо со голот од пенал во 75. минута му донесе победа на Манчестер јунајтед на гости, против Норич (1-0), во англиската фудбалска Премиер-лига, со 50-от погодок на гости од белата точка. Само Ливерпул (60 гола) има постигнато повеќе голови од пенал од Јунајтед во историјата на Премиер-лигата.
Привремениот менаџер, Ралф Рангник, и на вториот меч (минатиот викенд беше совладан Кристал палас, со 1-0) остана непоразен во Премиер-лигата. Тој е вториот менаџер на Јунајтед чиј тим не примил гол на првите два првенствени меча, по Ернест Мангал во 1903 година. За голманот Давид де Хеа, кој беше прогласен за најдобар играч на средбата, тоа беше 200. натпревар во кариерата без примен гол.
– Уживав во натпреварот, бев фокусиран, знаев дека морам да имам неколку одбрани, за да му помогнав на тимот да го добие натпреварот. Секоја одбрана е важна, особено кога тимот победува – изјави Де Хеа.
Де Хеа по мечот за „Скај спорт“ зборуваше и за својот соиграч, центархалфот Виктор Линделоф, кој мораше го напушти теренот поради тешкотии со дишењето. Шпанскиот голман рече дека инцидентот му ги вратил сеќавањата на срцевиот удар што го претрпе Данецот Кристијан Ериксен на теренот на Европското првенство летово, а исто така и на колапсот на напаѓачот на Барселона, Серхио Агуеро, во октомври.
– Штом видов дека има тешкотии со дишењето, играта повеќе не беше важна. Пред сѐ е животот. Фудбалот не е важен. Не знам што се случи, но Виктор имаше мака со дишењето. Веќе ги видовме Ериксен, Агуеро, тешко е кога ќе видите дека ваш соиграч има проблеми. Се надевам дека ќе биде добро – изјави Де Хеа.
Швеѓанецот Линделоф мораше да биде заменет уште во 16. минута, откако му беше укажана лекарска помош на теренот.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – СВЕТСКИ КУП
По речиси две години, победа на Крафт

Стефан Крафт триумфира во првиот од двата натпревара во скијачки скокови во Светскиот куп (СК) во Клингентал (Германија) во саботата, во исклучително тесна конкуренција, откако Австриецот беше прв и по првата серија скокови, а славеше пред Норвежанецот Халвор Егнер Гранеруд и Камил Штох од Полска. Крафт чекаше победа во СК од февруари 2020 година во Лахти (Финска), а сега шампионот во вкупниот пласман во Светскиот куп во 2020 година ја оствари својата 22. победа. Двајца скокачи од германскиот тим, Карл Гајгер и Маркус Ајзенбихлер, се изедначија на четвртото место, Андреас Велингер беше шести. Од Норвежаните, покрај Гранеруд, меѓу првите десетмина се пласираа Роберт Јохансон и Мариус Линдвик, осми, односно деветти. Со 405 поени, Гајгер останува на лидерската позиција во вкупниот пласман во Светскиот куп, Крафт е втор, сега со 306 поени (100 поени се добиваат за победа), а трет е Ајзенбихлер, со 287 поени. Синоќа на програмата беше вториот натпревар во Клингентал.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП, ЖЕНИ И МАЖИ
Двојна победа за Швајцарија

Лара Гут-Бехрами (Швајцарија) победи пред Софија Гоџа (Италија) во трката во супервелеслалом во Светскиот куп (СК) во Сент Мориц. Двете скијачки приредија спектакл, а разликата помеѓу нив одново беше неколку стотинки. Гоџа имаше 11 стотинки предност во супервелеслаломот во Лејк Луис, а сега Гут-Бехрами победи со 18 стотинки предност. За Гут-Бехерами тоа е прва победа сезонава, 17-та во кариерата во оваа дисциплина (втора досега, изедначена со Ренате Гечл и зад Линдзи Вон) и вкупно 33-та, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Микаела Шифрин (САД) го освои третото место, со 1,18 секунди побавно време од победничката. Во вкупниот пласман во СК, води Шифрин со 465 бода, пред Гоџа со 395, Петра Влхова (Словачка) има 340, Гут-Бехрами 390 итн.
Марко Одермат (Швајцарија) го зголеми водството во генералниот пласман во Светскиот куп за мажи, откако победи и во велеслаломот возен во францускиот скијачки центар Вал д`Изер. Тој победи и во првиот велеслалом сезонава (има триумф и во еден супервелеслалом), а сега славеше со 59 стотинки предност пред второпласираниот Алексис Пинтуро (Франција) и 1,24 секунда пред мануел Фелер (Австрија) на третото место. Одермат сега има 446 бода, втор е Матијас Маер (Австрија) со 310, трет е Александер Омот Килде (Норвешка) со 229 итн.