ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА

Баерн постигна рекордни 102 гола годинава

Баерн го собори 44-годишниот рекорд на Келн, од 1977 година, за најмногу постигнати голови во германската фудбалска Бундес-лига во една календарска година (101), благодарение на голот на Лерој Сане на мечот со Арминија (1-0), кој беше 102. за тимот од Минхен во 2021 година. До крајот на годинава, Баерн треба да одигра уште четири натпревари, што значи дека таа бројка може да се зголеми.
Баварците уште во два наврата беа блиску до 100 погодока, во 1972 година и во 2019-та кога постигнаа 99, односно 98 гола.
– Многу значи да се постигне рекорд. Искрено, не мислев дека тоа ќе се случи. Но тоа е добро достигнување за тимот, Сане постигна прекрасен гол, сите сме среќни – изјави Алфонсо Дејвис за интернет-страницата на Бундес-лигата. Л.Д.


ФОРМУЛА 1

Почина Френк Вилијамс, основачот на Вилијамс

Сер Френк Вилијамс, основач и поранешен директор на Вилијамс рејсинг Формула 1-тимот, почина на 79-годишна возраст. Тој го изгради тимот што го носи неговото име и го направи еден од најуспешните во спортот. За време на неговиот престој во Вилијамс, тимот освои девет титули за конструктори и седум титули кај возачите, а доминираше во поголемиот дел во 1980-тите и 1990-тите години. Тој и ќерката Клер се оддалечија од спортот во септември 2020 година откако го продадоа клубот. Претседателот и извршен директор на Ф1, Стефано Доменикали, му оддаде почит на Вилијамс, кого го опиша како „вистински гигант на нашиот спорт“. Г.И.


КОШАРКА – НБА

Кари постави нов брзински рекорд во постигнување тројки

Стивен Кари го инспирира Голден стејт до седмата последователна победа во кошаркарската НБА-лига, откако постигна 33 поени во победата со 105-90 на мечот со Лос Анџелес клиперс. Кари постигна седум тројки и сега има 105 во 19 натпревари сезонава. Со тоа тој го собори сопствениот рекорд за најбрз кошаркар што стигнал до 100 тројки во една сезона. Голден стејт, кој го има најдобриот скор во НБА, со 18 победи и два пораза, во следниот натпревар игра со Феникс, кој, пак, победи во претходните 16 натпревари, пишува „Би-би-си“.


ТЕНИС – ДЕЈВИС-КУП
Шпанија не ја одбрани титулата

Бранителот на титулата, Шпанија, ги заврши натпреварите на годинашниот турнир во тенискиот Дејвис-куп, откако загуби во решавачкиот меч за пласман во четврт-финалето од Русија, во Мадрид. Така, Русија е прва во групата А, од која во следната фаза се пласира и Србија. Шпанија ја освои титулата во 2019 година, а лани турнирот не се одржа поради пандемијата на коронавирусот.
Двојки во четврт-финалето годинава се Хрватска – Италија (во Торино, играа вчера), Велика Британија – Германија (Инсбрук, денеска), Казахстан – Србија (Мадрид, утре), Русија – Шведска (Мадрид, четврток). На турнирот играа вкупно 18 репрезентации, поделени во шест групи.