ТЕНИС
Ѓоковиќ го зголеми водството во „големи титули“

Новак Ѓоковиќ ја освои рекордната 20-та тениска гранслем-титула со триумфот на Вимблдон, па со својата победа против Матео Беретини го зголеми водството во трката за т.н. „големи титули“ со Рафаел Надал и со Роже Федерер, објави Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата интернет-страница. Светскиот рекет број 1 сега има 61 „голем трофеј“, Надал има 57, а Федерер 54. „Голема титула“ се трофеи на гранслем-шампионатите, финалето на АТП, турнирите од серијата мастерс 1.000 или златен медал во поединечна конкуренција на летни олимписки игри (ЛОИ).
Ѓоковиќ, Надал и Федерер сега се израмнети со по 20 трофеи на гранслем-турнирите. Ѓоковиќ ги освои првите три големи шампионски титули во сезоната, а вниманието ќе го насочи кон комплетирање на т.н. календарски гранслем со триумф на САД опен. Единствениот играч во т.н. отворена ера на тенисот (од 1968 година) што го остварил тој подвиг е Род Лејвер во 1969 година.
АТП пишува дека Ѓоковиќ има најдобра стапка на победи за „големите титули“, па така за една освоена титула потребни му се 3,3 одиграни турнири (61 триумф на 199 турнири). Надал, кој не се натпреваруваше на Вимблдон, освојува „голем трофеј“ секои 3,5 турнири (57/197). Само уште двајца играчи имаат повеќе од една титула по одиграни пет турнири, и тоа Федерер со 4,4 (54/240) и Пит Сампрас со 4,9 (30/147).


Петмина Италијанци меѓу најдобрите 11

Шампионот Италија има најмногу претставници, пет, меѓу најдобрите 11 фудбалери на Европското првенство (ЕП) 2020, меѓу кои е и најдобриот играч на турнирот, голманот Џанлуиџи Донарума. Најдобрите 11 на ЕП ги избра тимот на технички набљудувачи на Европската фудбалска унија (УЕФА), кој го сочинуваа 16 поранешни фудбалери и поранешни и сегашни тренери. Во тимот на ЕП 2020 се Џанлуиџи Донарума (Италија), Кајл Вокер (Англија), Леонардо Бонучи (Италија), Хари Мегваер (Англија), Леонардо Спинацола (Италија), Жоржињо (Италија), Пјер-Емил Хојбјерг (Данска), Педри (Шпанија), Федерико Киеза (Италија), Ромелу Лукаку (Белгија) и Рахим Стерлинг (Англија). Л.Д.


Финалето на ЕП го гледале над 30 милиони Британци

Повеќе од 30 милиони луѓе во Велика Британија го гледале неделното финале Италија – Англија, на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020. „Би-би-си“ објави дека 30,95 милиони луѓе ги гледале завршните минути од натпреварот, а во просек 29,85 милиони го седеле тој меч. Финалето го емитуваа јавниот сервис „Би-би-си“, со 25 милиони гледачи, и комерцијалниот канал ИТВ. На интернет-страницата „Дедлајн“ беше истакнато дека гледаноста на финалето била поголема за неколку милиони во споредба со церемонијата на затворањето на Летните олимписки игри во Лондон во 2012 година или со изјавата на премиерот Борис Џонсон лани на почетокот од пандемијата кога им порача на Британците дека мораат да останат дома. Л.Д.