Игрите се одржуваат под посебни здравствени мерки, без публика, ќе има рекордни 339 настани за медали во 33 спорта, меѓу кои пет нови, рекордни 48,8 отсто од тие што се натпреваруваат се жени, одржливоста и економичноста се дел од Игрите, олимписките медали се направени од рециклирани мобилни телефони, за изработка на олимпискиот факел се користел алуминиумски отпад, голем дел од енергијата што се користи за ЛОИ доаѓа од обновливи извори…

По едногодишно одложување поради пандемијата на коронавирусот, почнаа Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио. Повеќе од 11.300 спортисти од 207 земји во следните неколку недели ќе играат за да стигнат до медал, за кој толку долго работеле. ЛОИ 2020 вчера беа свечено отворени.
– Мислам дека влегувањето на стадионот ќе биде посебен момент на радост и олеснување за сите спортисти, затоа што знам колку долго копнеат по овој момент. Тие конечно ќе можат да уживаат во овој момент, но под многу посебни околности – рече претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, објави „Би-би-си“.
Маски, карантин, тестови. Без дилема, ова се ЛОИ како ниту едни други. Игрите се одржуваат под посебни здравствени мерки. Токио ќе биде во вонредна состојба во текот на ЛОИ, а организаторите презедоа огромни мерки на претпазливост, вклучувајќи и одржување на Игрите зад затворени врати без публика, од Јапонија или од странство. Спортистите ќе мора постојано да носат маска за лице, освен кога јадат, пијат, тренираат, се натпреваруваат или спијат, да ја минимизираат физичката интеракција со другите и секој ден се тестираат за ковид-19.
На ЛОИ во Токио ќе има рекордни 339 настани за медали во 33 спорта. Меѓу нив се и петте нови спортови (карате, скејтборд, спортско качување, бејзбол/софтбол и сурфање), со вкупно 34 нови настани додадени на олимписката програма. Околу 48,8 отсто од спортистите што се натпреваруваат на ЛОИ во Токио се жени, што е рекордна бројка. Исто така, воведени се нови настани во бокс, кану-слалом, кану-спринт, велосипедизам, веслање и во пливачките програми, а нови настани има во мешаните спортови, вклучувајќи ги и мешаната штафета 4х100 метри во пливање и мешаната штафета во триатлон.

– Сакаме да го однесеме спортот кај младите. Со многуте опции што ги имаат младите, повеќе не можеме да очекуваме дека тие автоматски ќе доаѓаат кај нас. Треба ние да одиме кај нив – рече Бах.
Одржливоста и економичноста се дел од Игрите, олимписките медали се направени од рециклирани мобилни телефони, а за изработка на олимпискиот факел се користел алуминиумски отпад. Само осум спортски центри се комплетно нови, а голем дел од енергијата што се користи за ЛОИ доаѓа од обновливи извори. Според „Би-би-си“, спортистите што треба да се следат на ЛОИ во Токио се гимнастичарката Симон Бејлс (24) една од ѕвездите на ЛОИ 2016, спринтерката Шели-Ен Фрејзер-Прајс, Арманд Дуплантис во скок со стап, светскиот тениски рекет број еден Новак Ѓоковиќ…