КУГЛАЊЕ

Со освојувањето на титулата во домашното првенство, кугларите на Макпетрол станаа апсолутни рекордери според вкупниот број освоени домашни титули и според вкупниот број титули во низа (18)

И кугларското првенство по стапките на фудбалското, кошаркарското, одбојкарското и ракометното. Извршниот одбор (ИО) на Кугларската федерација на Македонија (КФМ) едногласно донесе одлука, Македонската кугларска лига, поради пандемијата на коронавирусот, да се прогласи за завршена, без да се одигра последното коло сезонава, со пласман на екипите заклучно со завршеното 13-то коло.

Според оваа одлука, Макпетрол е шампион (25 бода со 12 победи и едно реми), пред ГТЦ Мусандра (21 бод), Пелистер 1982 (19), Вардар 2014 (14), ТКС Империјал Тобако (11) и 18 Август (10). Кај кугларките, пак, (кои настапија заедно со мажите), прва е екипата на ГТЦ Мусандра (два бода), пред Пелистер ТС Холдинг (два). Поради актуелната ситуација, домашниот куп годинава нема да се одржи.

Макпетрол, кој на меѓународната сцена најголемиот успех го постигна во 2012 година, кога беше втор во Купот на НБЦ во Аузгбург, Германија, ја освои 20-та титула во домашното првенство, што е апсолутен рекордер според вкупниот број титули, но и според бројот на титули освоени во низа (18, од 2003 година, а титули има и во 2000 и во 2001 година). Најблиску до него е поранешниот женски европски првак Кометал Ѓорче Петров, кој беше неприкосновен 17 години по ред во домашниот шампионат (од 1993 година), и одбојкарите на Работнички, со 16 титули, сите во низа.

Претседател на клубот е Љубомир Тодоровски, генерален секретар е Николче Крстев, тренер и играч на екипата е Александар Соколовски, а сезонава настапуваа и Ибрахим Мемеди, Младен Донковски, Сашо Трпковски, Игор Беличански, Дане Јакимовски, Владимир Даниловски, Ивица Матиќ, Александар Карталов и Јовица Блажевски.