Фото: Маја Јаневска-Илиева

Турнирот треба да се одржи во првиот викенд на јуни. Македонската репрезентација е во групата А, со Данска, Израел и со Кипар. Во групата Б ќе разигруваат Хрватска, Австрија, Унгарија и Луксембург

ОДБОЈКА

Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) ѝ ја додели на Македонија организацијата на завршниот турнир во Европската сребрена лига, од 4 до 6 јуни годинава. Освен тоа, Македонија ќе биде домаќин и на еден од двата турнира во рамките на групната фаза, кои треба да се одржат од 21 до 23, односно од 28 до 30 мај.
Македонската одбојкарска репрезентација е во групата А, заедно со селекциите на Данска, која, пак, треба да биде организатор на еден од двата турнира, потоа со Израел и со Кипар. Во групата Б на Европската сребрена лига, пак, ќе разигруваат репрезентациите на Хрватска, Австрија, Унгарија и на Луксембург.
Одлуката на ЦЕВ е уште една потврда за доброто работење на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), која во јануари во Скопје успешно го организира квалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава. На два турнира во Скопје, Македонија, во групата со репрезентациите на Турција и на Босна и Херцеговина, го освои второто место и вторпат се квалификува за финалниот турнир на ЕП, по дебито на шампионатот во 2019 година.

Европската сребрена лига е нова шанса за Македонија на домашен терен да го освои првото злато, по трите сребра освоени во 2015, 2016 и во 2017 година. Во 2018 година ОФМ првпат организира завршен турнир во Европската сребрена лига, кога Македонија го освои четвртото место. Ова е шанса конечно да се триумфира во Европската сребрена лига, што би било одлична увертира пред настапот на континенталното првенство во септември годинава.
Европската одбојкарска конфедерација го одреди и точниот календар на натпреварите за најголемиот континентален одбојкарски настан годинава, Европското првенство, кое вторпат треба да се одржи во четири земји, овој пат во Полска, Чешка, Естонија и во Финска (минатото се играше во Словенија, Холандија, Белгија и во Франција).
Шампионатот треба да почне на први и да трае до 19 септември, со двете полуфиналиња и со финалето на програмата во Катовице (Полска). Покрај Катовице, натпреварите на ЕП, на кое ќе настапат 24 репрезентации, треба да се играат и во Гдањск (Полска), Острава (Чешка), Тампере (Финска) и во Талин (Естонија).

Пласман во завршницата на ЕП 2021 веќе обезбедија 16 репрезентации. Тоа се селекциите на четирите земји-домаќини, Полска, Чешка, Естонија и Финска, потоа најдобрите осум репрезентации од минатото Европско првенство во 2019 година, Србија, Словенија, Франција, Русија, Италија, Украина, Германија и Белгија, како и четирите репрезентации што до ЕП стигнаа преку квалификациските натпревари во своите групи, Македонија, Турција, Бугарија и Летонија.
Ждрепката за составот на групите за Европското првенство годинава (треба да има шест групи со по четири репрезентации) треба да биде влечена откако ќе завршат квалификациските натпревари за пласман на континенталното првенство во преостанатите четири групи, во А, Е, Ф и во Х, кои е предвидено да се играат во првата половина на мај.


ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА

ГРУПА А
Македонија
Данска
Израел
Кипар

ГРУПА Б
Хрватска
Австрија
Унгарија
Луксембург