Наградниот фонд за гранслем-турнирот во јануари е поголем за 14 отсто од тој годинава, и ќе изнесува 49,1 милиони долари, од тоа по околу 2,9 милиони за победниците

Организаторите на престижниот тениски гранслем-турнир Австралија опен за претстојното 34-то издание најавија рекорден награден фонд од речиси 50 милиони американски долари (49,1). Парите се наменети за тенисерите што ќе настапат во квалификациите и на главниот турнир, кој треба да почне на 20 јануари в година.

Наградниот фонд е зголемен за 14 отсто во однос на минатогодишниот, што значи дека победниците во машка и во женска конкуренција ќе заработат по околу 2,9 милиони долари, а играчите што ќе учествуваат на турнирот и својот настап ќе го завршат во првото коло ќе освојат по околу 62 илјади долари.

Директорот на турнирот Крег Тили изјавил дека зголемениот награден фонд е поради желбата на организаторите сите играчи на турнирот да бидат доволно наградени.

– Сакаме овој тренд на подобрување на условите и наградите на овој голем турнир да продолжи и во иднина и сакаме сите играчи што ќе бидат дел од него да си ја добијат заслужената сума. Ни беше многу важно да го зголемиме наградниот фонд, особено за играчите што натпреварувањето ќе го завршат во квалификациите или во раната фаза од турнирот, така што и тие ќе заработат солидна сума – изјавил Тили.

Наградниот фонд на Австралија опен за 2020 година, во однос на тој од 2001 година, е повисок за трипати, а во однос на 2014 година е поголем за 10 милиони долари. 


ВКУПЕН НАГРАДЕН ФОНД
Австралија опен 49,1
Ролан Гарос 47,3
Вимблдон 49,2
САД опен 57,2
сумите се приближни и се во милиони долари

НАГРАДА ЗА ПОБЕДНИЦИТЕ
Австралија опен 2,90
Ролан Гарос 2,55
Вимблдон 3,04
САД опен 3,85
сумите се приближни и се во милиони долари