Ракометарите беа петти во Европа во 2012 година Фото: Игор Бансколиев

Во десетгодишниот период од 2010-та, на репрезентативно ниво, се остварени низа првпат забележани и досега ненадминати резултати, во најголемите екипни спортови, ракометот, кошарката, фудбалот и во одбојката

Деценијата што полека изминува ќе биде забележана со големи букви во македонскиот спорт, барем кога станува збор за настапите и постигнатите резултати на репрезентациите во некои екипни спортови. Меѓу најголемите екипни спортови доминираат ракометот и кошарката, кои се најприсутни на светските (СП) и европските првенства (ЕП), а во подем се одбојката и фудбалот.

Младата фудбалска репрезентација се пласира на ЕП во 2017 година
Фото: Дарко Андоновски

Ракометот, секако, е македонската спортска ударна игла. Предводени од капитенот Кирил Лазаров, актуелниот рекордер според бројот на постигнати голови на ЕП (61) и на СП (92), машката репрезентација во овие 10 години континуирано е присутна на ЕП и на СП од 2012-та, одигра пет ЕП и четири СП, нешто што порано никогаш не го сторила. Уште е во сеќавање најдобриот пласман, петтото место на ЕП во Србија во 2012 година, како и деветтото место на СП во Катар во 2015 година, двата најдобри пласмани досега. Патем, ракометарите играа и на два квалификациски турнира за настап на ЛОИ, и тоа за Игрите во 2012-та и во 2016 година. На младински план, репрезентацијата го постигна најдобриот пласман на една македонска селекција, шесто место на Мундијалот за ракометари до 20 години, во 2017 година.

И машката кошаркарска репрезентација имаше успешна деценија, предводена од селекторот Марин Докузовски и играчите Владо Илиевски, Перо Антиќ, Тодор Гечевски, браќата Војдан и Дамјан Стојановски… при што врвот беше освоеното четврто место на ЕП 2011 во Литванија. Највпечатлива беше победата над домаќинот Литванија, заокружена со познатата тројка на Илиевски. Црвено-жолтите оттогаш настапија на уште две ЕП во низа и дебитираа во квалификации за ЛОИ.

Одбојкарите дебитираа на континентално првенство

Фудбалската репрезентација на Македонија, по низа обиди, годинава успеа да го оствари најдобриот пласман во едни квалификации за ЕП, завршувајќи на третото место во својата група, а на настапот во дебитантската Лига на нациите се пласира во полуфиналето. Нешто што дотогаш не беше видено во македонскиот репрезентативен фудбал. Но оваа деценија беше забележан и деби-настап на една македонска фудбалска репрезентација на ЕП, откако селекцијата за фудбалери со 21 година во 2017 година играше на континенталното првенство и го освои 12-то место.

Пробив со чекори од седум милји направија и македонските одбојкари. Тие како никогаш порано беа активни на меѓународен план, а првпат годинава настапија на ЕП, каде што предводени од извонредниот капитен Никола Ѓоргиев го освоија 17-то место во конкуренција на 24 селекции, притоа прикажувајќи одлична игра. Македонските одбојкари в година ќе бидат дел од Златната лига, по трите трети места во Сребрената лига. 

Кошаркарите беа четврти на ЕП во 2011 година
Фото: Игор Бансколиев

Најмногу трофеи во европаОД 2010 ГОДИНА

КОШАРКА 4. место на ЕП 2011, најдобар пласман досега
деби во квалификации за ЛОИ
три настапи во низа на ЕП, првпат во една деценија
РАКОМЕТ 5. место на ЕП 2012, 9. место на СП 2015, најдобри пласмани досега
деби (вкупно два настапа) квалификации за ЛОИ
осум настапи на ЕП или СП, првпат во една деценија
6. место на младинско СП 2017, најдобар пласман досега
ФУДБАЛ 3. место во квалификации, најдобар пласман досега
пласман во полуфинале во дебитантската Лига на нациите
деби и 12. место на младинско ЕП 2017
ОДБОЈКА деби и 17. место на ЕП 2019
три сребра во Сребрената лига, најдобри пласмани досега