РАКОМЕТ
- Црвено-црните во финалето во Струмица го совладаа Охрид со 24-23, додека Ѓорче Петров беше поуспешен од Спартак со 33-30
Вардар 1961 во машка и Ѓорче Петров во женска конкуренција ги одбранија ракометните трофеи во Купот на Македонија за 2026 година. Тоа е епилогот по финалниот дуели, кои се играа на завршниот турнир во салата „Парк“ во Струмица.
За вардарци ова беше 18. трофеј во тоа натпреварување, откако во финалето во драматичен и неизвесен меч го совладаа Охрид со 24-23, а истата предност беше видена и по првите 30 минути (13-12). Во победничките редови блескаше словенечкиот интернационалец Јака Малус со осум погодоци, два гола помалку постигна украинскиот интернационалец Дмитро Хориха, а пет пати погоди Французинот Жуниор Тузолана. Кај охриѓани по пет пати мрежата ја затресоа српскиот интернационалец Дарко Ѓукиќ и Јапонецот Косуке Јасухира. Во полуфиналето, Вардар 1961 беше подобар од Алкалоид со 33-28, а Охрид го совлада Еурофарм Пелистер со 26-19.
– Финалните дуели се тешки, со многу стресови и емоции. Го почнавме добро натпреварот, а во почетокот на вториот дел имавме мала криза. Им благодарам на моите играчи што во тие моменти успеавме да се смириме, одевме чекор по чекор и успеавме да ја вративме позитивата. Честитки за Охрид за коректниот и фер натпревар. Ова е прв трофеј за мене како тренер, но не сум толку среќен на тоа, колку на начинот на кој моите момци одиграа, како и во целата сезона досега. Што се однесува до првенството, на чекор сме до титулата. Респект за сите противници во плејофот, но Вардар 1961 ќе гази до крајот – рече по триумфот тренерот на вардарци, Иван Чупиќ.

По финалето беа доделени индивидуалните признанија. Така, најдобар стрелец е Малус (Вардар 1961) со вкупно 17 гола на двата меча на турнирот, најдобар голман е Кристијан Пилиповиќ (Охрид), а најкорисен играч (МВП) е Малус (Вардар).
Скопјани ги очекуваат уште две битки, завршницата во домашниот шампионат, како натпреварите во Европската лига, откако во четврт-финалето треба да играат со француски Монпелје.
Ракометарките на Ѓорче Петров го одбранија трофејот во Купот на Македонија, откако славеа во финалето со Спартак со 33-30. Во полуфиналето Ѓорче Петров го победи Пелистер 2012 со 37-15, а Спартак беше поуспешен од Чаир со 24-23.
По седум гола во победничката екипа реализираа Емилијана Ризоска, Марија Гугуљанова и Армина Исиќ. Кај Спартак со 12 гола доминираше Сузана Зечевиќ, а 10 впиша Анастасија Николовска.
За најдобар стрелец на завршниот турнир на Купот на Македонија во ракомет е прогласена Зечевиќ (Спартак), најдобра голманка е Слободанка Кицевска (Спартак), а наградата за МВП на турнирот ја освои Гугуљанова (Ѓорче Петров). Г.И.
































