Тајните на најдобрите просветни работници: д-р Милица Патраклиева, наставничка по географија од Скопје
- Драги наши читатели, во чест на просветните работници, во оваа рубрика ви ги откриваме „тајните“ на дел од најдобрите наставници во Македонија. Во првиот циклус, сѐ до крајот на оваа учебна година, ќе ви претставиме десетмина наставници од различни места во нашата татковина, кои со својата посветеност, знаење, методи и инвентивни решенија го претвораат наставниот час во магија. Целта на рубриката е да ги афирмираме најуспешните и најинвентивни едукатори, кои со својата посветеност и креативност ја прават наставата поинтересна, подинамична и поблиска до учениците. Преку нивните примери сакаме да споделиме конкретни идеи и методи што може да се применат во секоја училница
Милица Патраклиева е професорка по географија и наставничка менторка, доктор по менаџмент во образованието, иновативна и препознаена по својот современ пристап во наставата. Со долгогодишно искуство, високо ниво на професионализам и постојана посветеност на унапредување на наставниот процес, таа претставува пример за наставник што инспирира, мотивира и создава трајни вредности кај учениците. Нејзината наставна практика се темели на примена на современи методи, интерактивни техники и ИКТ-алатки, со фокус на развој на критичкото размислување, креативноста и на функционалното знаење. Преку иновативни пристапи како проблемско-базирано учење и учење преку улога, таа успешно го трансформира традиционалниот модел на настава во динамичен и инспиративен процес.
Но нејзиниот ангажман не завршува во училницата. Покрај наставната работа, Патраклиева има значаен придонес во образовниот систем преку учество и реализација на голем број национални и меѓународни проекти од областа на образованието, меѓуетничката интеграција и медиумската писменост. Нејзината активност опфаќа и учество на голем број семинари, конференции и обуки, што сведочи за нејзиниот континуиран професионален развој и стремеж кон унапредување на квалитетот во образованието. Авторка е и коавторка на учебници, наставни програми и на повеќе стручни трудови, рецензентка е за стручно вреднување ракописи за учебници за предметот Географија, како и авторка на едукативни видеолекции. Како менторка, активно работи на поддршка и развој на младите наставници приправници и како менторка на ученици, особено во подготовка за натпревари. Авторка е на стручни трудови и едукативни материјали во областа менаџирање на професионалниот развој на наставниот кадар за подобар квалитет на образованието во 21 век, како и за јавното приватно партнерство во образовниот систем на Р Македонија од аспект на современото менаџирање.
Работата на наставникот не завршува во училницата
– Во современиот образовен процес, наставникот има клучна улога во создавање средина во која учениците не само што стекнуваат знаења туку и развиваат вештини за размислување, комуникација и примена на наученото. Во време кога образованието се соочува со голем број предизвици, брзи промени и голем број информации, современиот наставник треба да биде повеќе од пренесувач на знаење, тој треба да биде инспиратор, мотиватор и водич низ процесот на учење. Наставникот треба да создаде средина во која учењето ќе биде активно, смислено и применливо. Предизвикот на денешницата не е во количеството информации, туку во нивната правилна обработка и примена. Токму затоа, примената на современи наставни методи претставува основа за квалитетно и функционално образование – истакнува Патраклиева.
Наставничката Милица има богато искуство во работа со надарени ученици при подготовка за натпревари на кои се постигнати значајни резултати на регионално, национално и на меѓународно ниво. Има значајна улога како координаторка на Скопскиот Регион во организацијата и координацијата на натпревари по географија на општинско и регионално ниво при Македонското географско друштво. Нејзината работа се карактеризира со силни комуникациски вештини, тимска соработка, креативност и високо ниво на професионална етика. За својата посветеност и извонредни резултати, добитничка е на повеќе признанија, меѓу кои признание за „Просветен работник на годината“ за учебната 2023-2024 година, доделена од Здружението на Град Скопје, признание за „Најдобар наставник во регионот“, доделена од Асоцијацијата на најдобри наставници и лидери во регионот, признание за „Просветен работник на годината“ за учебната 2024-2025 година, доделена од Сојузот на Р Македонија, Благодарница за особен интерес во воспитно образовната работа во училиштето и афирмација на Општина Карпош, што претставува потврда за нејзината професионалност и влијание во образованието, како еден од најуспешните и највлијателни наставници во државата. Водена од уверувањето дека образованието треба да создава личности што размислуваат и дејствуваат, Милица Патраклиева континуирано вложува во својата работа, оставајќи значаен печат во развојот на современото образование.
– Во мојата наставна пракса, посебен акцент ставам на методи што ја менуваат училницата и го активираат ученикот како активен учесник во наставниот процес. Во секојдневната работа применувам повеќе методи и „мали трикови“, кои значително ги зголемуваат мотивацијата и ангажираноста на учениците: поставување прашање наместо давање одговор, поврзување на содржините со реални примери, кратки динамични активности (микроактивности), користење улоги (role play), дискусија наместо еднонасочен говор, паметна употреба на дигитални алатки, учење надвор од училницата. Меѓу нив, особено ефективни се покажаа методот ученикот како водич и проблемско-базираното учење – вели наставничката Патраклиева.
Методи што ја зголемуваат мотивацијата кај учениците
Методот ученикот како водич се базира на активна улога на ученикот во процесот на учење. Наместо наставникот да биде главен извор на информации, учениците преземаат улога на презентери, истражувачи или туристички водичи.
Во текот на наставниот час, преку улогата на водич, учениците добиваат задача да истражат одредена тема и да ја претстават пред соучениците на разбирлив и креативен начин, со што го продлабочуваат сопственото знаење и ги развиваат своите комуникациски вештини. Тие ги селектираат најважните информации, ги структурираат и ги презентираат преку говор, визуелни материјали или преку интерактивни активности. Овој метод има повеќекратни придобивки: го поттикнува самостојното учење, ја развива способноста за јавно изразување, ја зголемува самодовербата и овозможува подлабоко разбирање на содржината. Кога ученикот објаснува, тој не само што ја повторува информацијата туку ја разбира и ја пренесува, што значително го зголемува квалитетот на учењето – објаснува Патраклиева.
Проблемско-базираното учење претставува современ пристап во кој наставата започнува со поставување реален проблем наместо со класично објаснување на наставникот. Учениците се соочуваат со конкретна ситуација што треба да ја анализираат, да ја истражат и да ја решат. Во текот на процесот, тие користат различни извори на информации, дискутираат во групи и предлагаат решенија што ги аргументираат пред одделението. Истовремено, преку решавање реални проблеми, тие учат да анализираат, да размислуваат критички и да донесуваат одлуки.
– Овој пристап овозможува наставата да стане динамична, интерактивна и блиска до реалниот живот. Учениците не се пасивни слушатели, туку активни учесници што истражуваат, дискутираат и создаваат. Овој метод: развива критичко и аналитичко размислување, ги поттикнува љубопитноста и истражувачкиот дух, ја подобрува тимската работа и ги подготвува учениците за реални животни ситуации. На пример, при обработка на тема поврзана со природни појави, учениците можат да анализираат како да се намалат последиците од природни катастрофи, при што размислуваат како вистински експерти. Наставникот во овој процес има улога на модератор, го насочува учењето, поставува прашања и создава услови за активно учество.
Наставата добива вистинска вредност кога се поврзува со секојдневниот живот.
Користењето реални примери, како природни појави, локални настани или актуелни теми им помага на учениците полесно да го разберат и да го применат знаењето. Преку ваков пристап, учењето станува значајно и трајно.
– Современите дигитални алатки, кога се користат соодветно, можат значително да ја збогатат наставата. Технологијата секогаш ја разбирам како поддршка, а не како замена.Често користам интерактивни квизови, дигитални мапи и мултимедијални содржини, кои ја зголемуваат мотивацијата и овозможуваат брза повратна информација – посочува наставничката.
Учењето надвор од училницата, како едукативни посети, теренска настава и практични активности, има силно влијание врз учениците. Преку директно доживување, тие стекнуваат знаења што остануваат трајно во нивната меморија. Примената на овие методи во наставата доведува до: зголемена мотивација кај учениците, поголема вклученост и активност, подобрени комуникациски вештини, развиено критичко размислување, трајно и применливо знаење. Учениците не само што ги усвојуваат наставните содржини туку учат како да размислуваат, да анализираат и да донесуваат одлуки. Позитивната атмосфера е клуч за успех. Создавањето поддржувачка и мотивирачка средина е основа за успешна настава. Учениците најдобро учат кога се чувствуваат прифатени и охрабрени.
Насочување кон тимска работа
– Современите методи не ги применувам само во редовната настава туку и во воннаставните активности, натпреварите и проектите. Со работата со талентирани и мотивирани ученици ги насочувам кон истражување, тимска работа и самостојно изразување. Токму во овие процеси, учениците го достигнуваат својот максимум, што се потврдува и преку голем број освоени награди и успешни настапи. Воннаставните активности претставуваат простор каде што знаењето се продлабочува, а учениците се развиваат во самоуверени и креативни личности – вели Патраклиева.
Денешното образование бара наставник што постојано се развива и ги приспособува методите според потребите на учениците. Наставата треба да биде процес во кој учениците се активни, мотивирани и вклучени, а учењето да стане искуство со трајна вредност. Фокусот треба да биде на развој на компетенциите, а не само на усвојување факти. Наставникот создава средина во која знаењето е применливо и инспиративно.
– Верувам дека секој ученик има потенцијал, кој треба да се препознае и поттикне. Нашата задача е да создадеме личности што размислуваат и дејствуваат, а наставата да биде инспирација, а не обврска – порачува Патраклиева.
Ф.Д.


































