Фото: ЕПА

Во првото коло на втората групна фаза веднаш следува дерби на непоразените, Словенија, која ја прослави својата 30-та победа на европските првенства, игра со Шведска, која, како и Данска, постигна 100 гола досега на годинашното ЕП

РАКОМЕТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Репрезентациите на Словенија, Норвешка (група Д), Шведска, Холандија (група Е), Данска и Португалија (група Ф) се пласираа во главната група 2 на 16. Европското првенство (ЕП) за ракометари во Германија, откако завршија натпреварите во нивните групи. Словенија, Шведска и Данска пренесуваат по два бода од дуелите по групи. Вчера следуваше расплетот и во групите А, Б и Ц, каде што Македонија, која не успеа да избори пласман во втората фаза по двата пораза, го играше третиот дуел на ЕП 2024 во групата А, со Швајцарија. Од тие групи, од кои ќе се формира групата 1, по две кола пласман понатаму обезбедија Германија (група А) и Унгарија (група Ц).
Од селекциите што продолжуваат понатаму во групата 2, Данска 15 пати настапила на ЕП и освоила две злата (2008 и 2012 година), едно сребро (2014) и четири бронзи (2002, 2004, 2006, 2022), и секако е еден од кандидатите за медал и на ова ЕП. Шведска е најуспешната репрезентација, на 15-те учества има пет злата (1994, 1998, 2000, 2002, 2022) и едно сребро (2018). И таа е една од селекциите со изгледи за медал. Словенија досега била дел од 14 ЕП, а има едно сребро, во 2004 година, кога беше домаќин на тоа ЕП. На Холандија ова ѝ е трет настап на континенталните првенства, во 2020 година беше 17-та, а во 2010-та 10-та. Од Норвешка, која оствари по една победа, пораз и реми во својата група, се очекуваше повеќе. Ова ѝ е 11-то ЕП, а освои еден сребрен медал, во 2020 година, кога беше и кодомаќин на ЕП. На претходното ЕП беше петта. Португалија осми пат учествува на европските првенства, а најдобриот пласман го има во 2020 година, шеста.
Од денешните дуели во првото коло во главната фаза, Португалија и Норвешка никогаш не се сретнале во главната рунда на ЕП, но одиграле два меча од прелиминарната фаза и еден натпревар за пласман, при што Норвежаните победиле двапати. Норвешка славеше со 38-27 и на неодамнешниот пријателски натпревар. Мартим Коста, постариот од двајцата браќа Коста, со 20 гола е најдобар стрелец кај Португалците и тој ќе се соочи со засега вториот најдобар голман во оваа група, Торбјорн Бергеруд, кој има 34,4 отсто ефикасност.
Данска ја победи Холандија со 25-23 во нивната единствена меѓусебна средба досега на ЕП, во 2022 година, во главната рунда. Левото крило Рутгер тен Велде е на чело на листата на стрелци кај Холанѓаните со 20 гола. Се очекува Ханс Линдберг да се појави на неговиот 54-ти меч на европските првенства за Данска, што ќе го направи рекордер во таа репрезентација.
Словенија ја прослави својата 30-та победа на европските првенства, откако ја победи Норвешка во решавачкиот дуел во групата Д. Актуелниот шампион Шведска е во серија од 10 меча без пораз на европските првенства, од тоа девет победи во низа, серија почната на ЕП 2022. Ова е 10-ти пат Словенија да напредува од прелиминарната фаза, откако тоа не ѝ успеа во 2022 година. Централниот бек на Алборг, Алекс Влах, е најдобар стрелец кај Словенците, со 19 гола на ЕП 2024, а Хампус Ване го предводи шведскиот напад со 17 погодока. Досега двете репрезентации меѓусебно одиграа пет средби на континенталните првенства, Шведска победи трипати, но Словенија славеше на претходниот дуел, со 21-19, во прелиминарната фаза на ЕП 2020.
Првопласираните две селекции од двете групи во главната групна фаза ќе играат во полуфиналето на ЕП 2024, а третопласираните репрезентации ќе се сретнат во натпревар за пласман на петтото место. Финалистите ќе обезбедат место на следното Светско првенство, во 2024 година, а новиот европски првак ќе се пласира и на Летните олимписки игри (ЛОИ) годинава во Париз (Франција). Од учесниците на ЕП 2024, пласман на ЛОИ досега обезбедија Франција (како домаќин) и Данска (како актуелен светски првак). Г.И.


Во знакот на бројот 100

Во групите Е и Ф на Европското првенство (ЕП) за ракометари во Германија доминира бројот 100. Најмногу голови, вкупно по 100, постигнаа селекциите на Шведска (група Е) и на Данска (група Ф), по три одиграни натпревари. Најмногу голови, пак, исто така 100, прими репрезентацијата на Грција, која беше во групата Ф. Најдобра гол-разлика во фазата по групи на ЕП 2024 има Данска (плус 31).


СТАТИСТИКА ОД ЕП 2024

  • Први стрелци: Хакум Вест ав Теигум (Ф. Острови) 23 (85,2 отсто ефикасност), Елефсен Елијас а Скипаготу (Ф. Острови) 23 (57,5)
  • Најбрз шут: Богдан Радивојевиќ (Србија), 129,46 км/ч.
  • Најбрз спринт: Леонел Фернандез (Португалија) 31,18 км/ч.
  • Најмногу додавања: Елефсен Елијас а Скипаготу (Ф. Острови), 751
  • Најголемо истрчано растојание: Јакуб Стерба (Чешка), 13,4 км
  • Најмногу одбрани: Томас Мрква (Чешка), 34 (три меча)

ПРВА ГРУПНА ФАЗА

ГРУПА Д
Полска – Фарски Острови 32-28
Норвешка – Словенија 27-28
ТАБЕЛА
Словенија 3 3 0 0 92-81 6
Норвешка 3 1 1 0 85-75 3
Полска 3 1 0 2 78-92 2
Ф. Острови 3 0 1 2 83-90 1

ГРУПА Е
БиХ – Грузија 19-22
Шведска – Холандија 29-28
ТАБЕЛА
Шведска 3 3 0 0 100-74 6
Холандија 3 2 0 1 98-78 4
Грузија 3 1 0 2 77-95 2
БиХ 3 0 0 3 59-87 0

ГРУПА Ф
Чешка – Грција 29-20
Данска – Португалија 37-27
ТАБЕЛА
Данска 3 3 0 0 100-69 6
Португалија 3 2 0 1 88-88 4
Чешка 3 1 0 2 70-73 2
Грција 3 0 0 3 72-100 0

ВТОРА ГРУПНА ФАЗА

ГРУПА 2
Норвешка – Португалија 15.30 ч.
Данска – Холандија 18 ч.
Словенија – Шведска 20.30 ч.
ТАБЕЛА
Данска 1 1 0 0 37-27 2
Шведска 1 1 0 0 29-28 2
Словенија 1 1 0 0 28-27 2
Холандија 1 0 0 1 28-29 0
Норвешка 1 0 0 1 27-28 0
Португалија 1 0 0 1 27-37 0