Нашите музеи се најверојатно едни од ретките во светот што не поседуваат или прикажуваат туѓо културно наследство во своите постојани поставки, додека македонски артефакти разнесувани во минатото, но и денес, поради негрижа за археолошките локалитети и објекти, се наоѓаат речиси во сите светски музеи

Шеесет години од формирањето на првата музејска збирка во Гевгелија

Во нашата држава музеологијата и музејската дејност, сами за себе, сосема скромно се тема на истражување. Од оправдани причини, главното внимание секогаш им се посветува на производите што тие ги пронаоѓаат, чуваат и изучуваат. Активностите, пак, на стручниот кадар, кој е непосреден носител и двигател на креативниот процес од музеолошки аспект, често се во заден план и остануваат речиси непознати. Секако, пред да се достигне определено креативно ниво, прво треба да се создадат услови. Во Македонија такви услови биле создадени со воспоставувањето нова музејска инфраструктура, односно со проширувањето и надградбата на старата музејска мрежа, која помеѓу двете светски војни ја сочинувале само неколку установи.
Редок интегрален труд, во кој првпат хронолошки и систематизирано е прикажан развојот на музејската дејност во Македонија, е објавен во 1982 година од нашиот познат музејски работник Ѓорѓе Миљковиќ. Вредностите на овој стручен труд сѐ уште се референтни и за современите истражувачи на националната музеологија.
Почетоците на ширењето на музејската мрежа најчесто се поврзуваат со 1949/1950 година, кога најголем број нови, како општи, така и специјализирани, меморијални музеи и музејски збирки биле отворени на целата територија на Народна Република Македонија. Тој конститутивен процес во општината Гевгелија ќе започне малку подоцна, во 1964 г., со отворање две музејски збирки. Првата, категоризирана како општа музејска збирка (археологија, историја и етнологија), лоцирана во градот Гевгелија, а втората во селото Конско, посветена на неговото бурно историско минато од времето на Втората светска војна и на етнолошкото наследство.
Токму затоа ја користиме можноста да го споменеме јубилејот 60 години од формирањето на првата музејска збирка, чиј правен наследник е НУ Музеј – Гевгелија, кој се уште функционира во несоодветен објект, изграден во далечната 1906 година, адаптиран и пренаменет за музејска дејност. Во таков општествен контекст, во 1964 г. започнува развојот на музејската дејност во Гевгелија, која од почетниот статус на музејска збирка, во 1980 г. ќе се трансформира во општински музеј „Митко Зафировски“, а во 1992 г. во Народен музеј.

Статус на национална музејска установа ќе ѝ биде доделен во 2004 г., благодарение, пред сѐ, на значајните резултати постигнати на полето на археолошките ископување и популаризацијата на откриеното културно наследство. Нагласката во развојот на установата отсекогаш биле многубројните успешно реализирани проекти на одделението за археологија, кои се и главен извор на нови многубројни музејски предмети. Раното препознавање на бројот и богатството на археолошките локалитети во општината Гевгелија било пресудно и за развојот на музејската установа. Хронолошката и културната разновидност на археолошките локалитети во општината Гевгелија се должи, пред сѐ, на нејзината стратегиска положба, која од праисторијата, низ античкиот период, средниот век и помладите историски епохи не го изгубила значењето.
Во палетата на истражувачки проекти, централно и најзначајно место зазема систематското археолошко ископување на локалитетот Вардарски Рид, каде што континуирано се работи од 1994 г. Валоризацијата на неговите движни артефакти и недвижни остатоци беше основа за објавување голем број стручни и научни трудови во земјава и во странство, во кои учествуваа домашни и странски стручни лица и установи. Од збогатувањето на археолошката збирка и ширењето на нејзината временска и културна рамка, во 2001 г. произлезе и постојаната археолошка поставка, како и водичот, објавен во 2005 година. Постојаната надградба на научните сознанија за локалитетот ја овозможи и неговата географска и историска идентификација со древниот македонски антички град Гортинија, значајна занаетчиска и трговска населба од 5-1 век ст. ера, лоцирана на десниот брег на реката Вардар.
Секој музеј во светот е особено горд на одделни музејски предмети, кои претставуваат национално културно наследство од особено или исклучително значење. Така, и неколку навистина ретки поединечни или групни наоди од археолошките локалитети од Гевгелија што се дел од збирките на НУ Музеј – Гевгелија претставуваат категоризирано културно наследство од особено или исклучително значење за Македонија.

Првиот, најстар наод, датиран во раниот 7 век ст. ера, е групниот наод од гробот бр. 111 од некрополата Милци, каде што било погребано женско лице со висок социјален статус. „Дамата од Милци“, како што е наречена, е претставник на локалната пајонска заедница, во рамките на праисториската населба регистрирана на Вардарски Рид. Од истиот локалитет, од последователната античка населба, односно од старомакедонскиот антички град Гортинија од IV и од 4-3 век ст. ера, потекнуваат мермерната статуа на Афродита и групниот наод – остава со 51 сребрена тетрадрахма, ковани во име на Александар III Македонски и неговите наследници. Најмлад експонат според датацијата, но наедно и уникатен според својот облик, е римскиот бронзен сад за загревање течности, во науката познат под името „Аутепсата од Гевгелија“.
Ова се музејски бисери што во хиерархијата на секој наш или музеј во светот би биле на највисокото скалило на културните раритети, највредни споменици на културното наследство на една земја. Што се однесува на националните музејски установи од Македонија, во нивните поставки и депоа се наоѓаат исклучиво предмети што се дел од нашето национално културно благо и наследство. Нашите музеи се најверојатно едни од ретките во светот што не поседуваат или прикажуваат туѓо културно наследство во своите постојани поставки, додека македонски артефакти разнесувани во минатото, но и денес, поради негрижа за археолошките локалитети и објекти, се наоѓаат речиси во сите светски музеи.
Затоа неопходна е подадената рака на Министерството за култура и на Општина Гевгелија за реализација на одредени капитални проекти, како што се заштитата на археолошкиот локалитет Вардарски Рид и подршката за конечна изградба на зграда со дефинирана музејска намена во градот Гевгелија и за натамошен развој на музејската дејност во општината Гевгелија.

Бобан Хусеновски, археолог кустос советник, НУ Музеј – Гевгелија