Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската репрезентација непрекинато настапува на светските и на европските шампионати од 2012 година, а од Европа таков континуитет имаат само уште селекциите на Хрватска, Данска, Франција, Исланд и на Шпанија. Црвено-жолтите во реваншот на баражот за пласман на СП 2025 ја победија селекцијата на Фарските Острови со вкупен резултат 61-60. За Македонија тоа ќе биде деветто учество на СП, а има и осум настапи на ЕП. Ждрепката за состав на групите на СП 2025 треба да се влече на 29 мај

Македонската сениорска репрезентација ја продолжи низата и 14-ти пат по ред, а 17-ти вкупно, ќе игра на големите меѓународни натпреварувања, откако се пласира на Светското првенство (СП) во ракомет што в година треба да се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка.
Црвено-жолтите го направија тоа со победата во реваншот од бараж-дуелот со Фарските Острови со 34-26, а вкупно со 61-60. За Македонија тоа ќе биде деветто учество на мундијалите, а има и осум настапи на европските првенства (ЕП). Ждрепката за состав на групите на СП 2025 треба да се влече на 29 мај, информира Интернационалната ракометна федерација (ИХФ).
Македонската репрезентација непрекинато игра на светските и на европските шампионати од 2012 година, а од Европа таков континуитет имаат само уште селекциите на Хрватска, Данска, Франција, Исланд и на Шпанија.
– Ракометната федерација на Македонија (РФМ) упатува голема благодарност до сите што безрезервно ѝ дадоа поддршка на машката македонска сениорска репрезентација во спортскиот центар „Борис Трајковски“, за победата против селекцијата на Фарски Острови, дополнително благодарност и до сите други што го следеа натпреварот и ги бодреа нашите ракометари пред малите екрани. Во рамките на своите програмски определби, Ракометната федерација на Македонија како приоритет број 1 ги има промоцијата и унапредувањето на македонскиот ракометен спорт во меѓународни рамки. Во текот на репрезентативните квалификациски циклуси/баражи и утврдени натпреварувачки системи од ЕХФ и од ИХФ во машка и во женска конкуренција за сите возрасни категории, националните селекции обезбедија учество на следните завршни турнири на континентално и на светско ниво: женската сениорска репрезентација ќе игра на ЕП 2024 од 28 ноември до 15 декември, машката сениорска селекција на СП 2025 од 14 јануари до 2 февруари, женската младинска репрезентација на СП 2024 од 19 до 30 јуни, машката младинска селекција на ЕП 2024 од 10 до 21 јули и машката кадетска репрезентација на ЕП 2024 од 7 до 18 август. Честитки до сите ракометари и ракометарки и до членовите на стручните штабови на сите македонски ракометни селекции – објави Ракометната федерација на Македонија на својата интернет-страница.


Вкупно 11 репрезентации од Европа ги обезбедија своите билети за настап на Светското првенство в година по заокружувањето на бараж-дуелите викендов, во кои имаше драматични пресврти и двомечи решени на пенали. Така, Словенија, репрезентација што се пласира за Летните олимписки игри во Париз годинава, беше блиску да пропушти место на Светското првенство, откако на пенали ја победи Швајцарија, во официјалното деби на Енди Шмид како селектор на машката репрезентација на Швајцарија, пишува Интернационалната ракометна федерација (ИХФ). На СП 2025 се пласираа и репрезентациите на Шпанија, Холандија, Чешка, Полска, Португалија, Исланд, Унгарија, Италија и на Австрија.
На Мундијалот в година ќе играат 32 репрезентации, повеќе од половина од Европа, вкупно 17 селекции. Претходно од Европа директно се пласираа Хрватска, Данска и Норвешка, како домаќини на Светското првенство, како и Франција, Германија и Шведска според пласманот на годинашното Европско првенство. Од другите континенти пласман на 29-от Мундијал во ракомет обезбедија репрезентациите на Јапонија, Катар, Кувајт, Бахреин, Зелено’ртски Острови, Алжир, Египет, Тунис, Гвинеја, Бразил, Аргентина, Чиле, Куба и на САД, а се чека уште и селекцијата со т.н. вајлд-карта. Н.М.


МАКЕДОНИЈА НА СП И НА ЕП ВО СЛЕДНИТЕ ДЕВЕТ МЕСЕЦИ

КАТ. ПРВ. ПЕРИОД ДОМАЌИНИ
Младинки СП 2024 од 19 до 30 јуни Македонија
Младинци ЕП 2024 од 10 до 21 јули Словенија
Кадети ЕП 2024 од 7 до 18 август Црна Гора
Сениорки ЕП 2024 од 28 ноем. до 15 дек. Австрија, Унгарија, Швајцарија
Сениори СП 2025 од 14 јан. до 2 фев. Хрватска, Данска, Норвешка


ЕВРОПСКИ КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2025

ДВОЈКА ВКУПЕН РЕЗ.
Фарски Острови – Македонија 60-61
Литванија – Унгарија 49-69
Италија – Црна Гора 66-58
Грција – Холандија 56-58
Романија – Чешка 51-59
Шпанија – Србија 54-53
Словенија – Швајцарија 64-61
Португалија – БиХ 55-45
Исланд – Естонија 87-49
Полска – Словачка 64-51
Грузија – Австрија 56-64

Извор: ИХФ