Фото: РФМ

Одличниот почеток на македонските ракометари кои го отворија дуелот против актуелниот светски првак Данска со водство од 4-0, сепак не беше доволен за изненадување во последното коло од почетната фаза на Европското првенство (ЕП) во Унгарија и во Словачка. Фаворизираниот противник на крајот славеше со 31-21.

Бодрени од гласните македонски навивачи, црвено-жолтите брзо дојдоа до предност против комбинираниот состав на силниот ривал, за кој дуелот немаше резултатско значење. Селекторот Кирил Лазаров исто така им даде прилика за настап на помладите ракометари.

Данците го постигнаа првиот гол дури во деветтата минута, но потоа влегоа во ритам и користејќи ги техничките грешки на македонските ракометари, направија пресврт веќе во 17-та минута, зголемувајќи го водството до крајот на мечот.

Жарко Пешевски беше најефикасен кај Македонија со шест гола од исто толку обиди, додека Филип Талески и Марко Мишевски постигнаа по три, а кај Данска се истакна Никлас Киркелеке со девет гола.

Македонија го заврши учеството на ЕП со три пораза, откако претходно загуби од Црна Гора со 24-28 и од Словенија со 25-27. Од групата Ц понатаму продолжуваат Данска и Црна Гора, која избори учество во наредната фаза со победата над Словенија 33-32.