РАКОМЕТ

Репрезентацијата ќе има подготовки во Маврово, од 24 јуни, а предвидени се и две пријателски средби на гости со Унгарија, на 13 и на 14 јули, во пресрет на СП во август во Хрватска

Селекторот на македонската кадетска репрезентација за ракометари до 19 години, Радослав Стојановиќ, го скрати претходно објавениот репрезентативен список од 35 на 24 ракометари за претстојното 10. Светско првенство (СП) за кадети, во Хрватска (2-13 август). На списокот има тројца интернационалци, голманот на германски Котбус, Давид Брестовац, левиот бек на австриски Грац, Борјан Дамјаноски, и средниот бек на словенечки Слован, Мирче Калајџиески.

Репрезентацијата ќе се подготвува во Маврово, од 24 јуни, а предвидени се и два пријателски натпревари, на гости, со Унгарија, закажани за 13 и за 14 јули.
Македонските кадети се во групата Ф, заедно со Норвешка, Црна Гора и Грузија. Првите две репрезентации од секоја од осумте групи обезбедуваат пласман во главната рунда, а преостанатите две од групите ќе играат во т.н. Президент-куп. Во следната рунда групата Ф вкрстува со групата Е, во која се селекциите на Мексико, Данска, Чиле и на Австрија.

Бранител на титулата е Египет, кој на СП 2019 во Македонија, во финалето ја совлада Германија со 32-28, а трета беше Данска, која славеше над Португалија со 35-27. Македонија го освои 13-то место од вкупно 24 репрезентации. Во 2021 година, СП во Грција не се одржа, поради пандемијата на ковид-19. Годинашниот настап ќе биде втор за Македонија на кадетско СП.

Состав: Давид Брестовац (Котбус), Борјан Дамјаноски (Грац), Мирче Калајџиески (Слован), Тодор Узунчев, Димитар Узунчев, Давид Димевски, Валентин Карасманакис (Мулти есенс), Иван Галевски, Дамјан Митев, Александар Петковски (Алкалоид), Благој Панов, Антонио Николоски, Илија Чрчев (Младост), Михаел Тотиќ, Андреј Стојановски, Томислав Димковски (Пролет), Немања Џигеровски, Кристијан Стаменковиќ (Голден Арт), Дамјан Субашевски, Дејан Михајловиќ (Бутел), Ненад Белистојаноски, Самоил Ристевски (Еурофарм Пелистер 2), Марио Стојановски (Вардар), Славчо Шулески (Тиквеш). Г.И.