Данска е првата селекција што трипати во низа е светски првак, со победата во финалето над Франција, актуелен олимписки првак. Во однос на СП 2021, само Франција и Шведска ги сменија местата. „Генерално, не видов некој голем напредок во ракометната игра. Сѐ помалку има играчи што постигнуваат голови од дистанца, како на пример Пепи Манасков, кој постигнуваше голови од 10 метри, па не знаеш како да го чуваш. Од просторите на поранешна Југославија задоволи само Словенија. Но ако сакаме успех, прво треба повеќе средства да се вложуваат, а второ сѐ повеќе да произведуваме сопствени играчки млади кадри“, ни изјави истакнатиот ракометен стручњак Лино Червар
РАКОМЕТ – СП 2023 ВО ПОЛСКА И ВО ШВЕДСКА
Машката ракометна репрезентација на Данска, пред 23.050 гледачи во арената во шведскиот град Стокхолм, под водство на искусниот селектор Николај Јакобсен, триумфира на 28-то Светско првенство (СП) што се играше во Полска и во Шведска и со тоа стана првата селекција во историјата на мундијалите што трипати во низа го освои трофејот. Данска ја победи Франција, актуелен олимписки и шесткратен светски првак, во финалето, со 34-29. Со тоа Данска ја продолжи и својата рекордна серија од 28 натпревари без пораз на планетарните првенства.
Десетте гола на средниот бек Расмус Лауге Шмит, кој поради недоволно санирана повреда пропушти пет натпревари на ова СП (на претходните три меча на ова СП Лауге не успеа да постигне гол), е само шестиот играч во историјата на СП што постигнал двоцифрен број голови во едно финале, дополнет со деветте погодоци на дебитантот на СП, левиот бек Сајмон Питлик, а надоврзани со одличниот голман Никлас Ландин, се чини беа клучни за победата на Данска. За Данска ова беше вкупно седмиот медал на мундијалите (по три злата и сребра и една бронза). За Франција, пак, која беше една од најискусните репрезентации на ова СП, предводена од селекторот Гијом Жил, ова беше вкупно 13-ти медал, второ сребро, а има и четири бронзи.
Во мечот за третото место на СП 2023, Шпанија ја совлада Шведска со 39-36, што е нејзина трета бронза, а има уште и две злата. Петтото место го освои Германија, која ја совлада Норвешка со 28-24, а седма е селекцијата на Египет, која славеше на мечот со Унгарија со 36-35. Во однос на СП 2021, само Франција и Шведска ги сменија местата, односно сега Франција е втора, а Шведска е четврта.
– Генерално земено не видов некој голем напредок во ракометната игра. Добро е тоа што има сѐ повеќе држави на СП, но не е добро, поради транспортот, да се организира СП во повеќе држави. Понатаму, сѐ помалку има играчи што постигнуваат голови од дистанца, туку сѐ се случува меѓу шест и девет метри. Не гледаме такви играчи, како на пример Пепи Манасков, кој постигнуваше голови од 10 метри, па не знаеш како да го чуваш. Одбраната е многу проактивна, нема креативност во неа и не треба само да се брани, туку и на неа да ѝ се даде можност да напаѓа, да мисли, оти ракометот е мисловна игра. Од просторите на поранешна Југославија задоволи само Словенија. Но ако сакаме успех, прво треба повеќе средства да се вложуваат, а второ сѐ повеќе да произведуваме сопствени играчки млади кадри. Затоа е потребно ракометниот Балкан да се ресетира, оти општо гледано тој стагнира – ни изјави истакнатиот ракометен стручњак Лино Червар.
Најефикасен играч на СП е Гидсел со 60 гола (32 гола помалку од актуелниот рекорд на Кирил Лазаров), пред левиот бек на Чиле, Ервин Фојхтман, со 54 гола. Швеѓанецот Тобијас Тулин, пак, има најдобра ефикасност во поредокот на голманите со 39 одбрани од 100 удари (49 отсто одбрани), додека најмногу одбрани, 112, во однос на упатените удари, 305, биле кон Германецот Андреас Волф. Следното СП во 2025 година треба да се одржи во Хрватска, Норвешка и во Данска. Г.И.
И светскиот првак обезбеди учество на ЛОИ 2024
На Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година се слободни уште 10 места, оти домаќинот Франција е сигурен учесник, директно на ЛОИ се пласира уште светскиот шампион Данска, а ќе се пласираат и на шампионатите на Европа, Африка и на Азија, како и победникот на комбинираниот квалификациски турнир меѓу двете американски федерации, односно Јужна Америка и Северна Америка и Кариби. Другите шест учесници ќе бидат познати откако ќе се одиграат три квалификациски турнири на кои ќе настапат 12 репрезентации. Селекциите што на СП 2023 завршија од второто до седмото место обезбедија настап во квалификациите за ЛОИ. Но фактот што Франција е меѓу осумте најдобри, отвора можност и за осмопласираната репрезентација да игра за место на ЛОИ 2024.