Зубац со внуките Милена и Меј

Посебно е чувството да бидете дедо. Порано инспирација ми беа моите деца Владимир и Милош, а сега моите внуки Милена и Меј ми се инспирација за моето творештво. Впрочем, последниве години пишувам исклучиво поезија за деца. Неодамна ја објавив книгата „Песнарка за Милена“, а наскоро ќе биде објавена „Песни за Меј“. Тоа ќе биде мојот роденденски подарок за неа, вели Перо Зубац

Средба со познатиот балкански поет за деца и возрасни Перо Зубац

„Во Мостар, една есен, љубев една Светлана…“ ако ги спомнете овие стихови пред вашите баби и дедовци, тие ќе продолжат и ќе ви ја изрецитираат цела поема, па потоа малку ќе поруменат, па малку ќе молчат и потоа ќе ве прашаат „од каде ги знаете вие овие стихови“. Пробајте! Тие тогаш ќе се сетат на своите први љубови, на своите први мечтаења, па затоа ќе бидат малку зачудени и збунети. А вие, преправајте се дека не ви е јасно од каде доаѓа нивната збунетост. Знам дека и вие имате симпатии, ама пст, нема да му кажам никому.
Таа песна е насловена „Мостарски дождови“ („Мостарске кише“) и е најсилен белег за препознавање на југословенскиот и српски поет Перо Зубац, со кого имав чест да се сретнам и среќа долго и топло да разговарам со него.
Ако, пак, го спомнете името Перо Зубац пред вашите повозрасни стриковци, стрини и тетки, ќе ви кажат дека пораснале со популарните југословенски серијали за деца „Музички тобоган“ и „Фори и фазони“, чиј сценарист е токму тој. Впрочем, до неговото пензионирање бил одговорен уредник на редакцијата за програмата за деца и младинци во Радио-телевизија Србија, во Нови Сад.

НАЈДОБРИОТ ФУДБАЛЕР СТАНА ПОЕТ

Се знае дека секој што твори за децата останува вечно дете или барем чува дел од детето во себе, но и дека многу често се навраќа кон детството. Така и ние го навративме Перо Зубац на неговото детство, во кое фудбалот бил број еден.
– Роден сум во многу мало место, кое се вика Невесиње. Штом си роден во мало место, мечтаеш да постигнеш многу, да излеташ како птица и да го видиш светот. Мојата најголема детска желба беше да станам познат фудбалер. Во моето детство фудбалот значеше живот. Бев многу добар фудбалер. Ќе ви раскажам една случка. Имено, при една средба меѓу мене и Десанка Максимовиќ, кога веќе бев афирмиран поет, таа праша еден од моите другари дали уште како мал сум пишувал песни и дали сум бил најдобар поет во училиште, а тој одговори: Госпоѓа Десанка, тој беше најдобар фудбалер од сите нас – низ смеа раскажува поетот Зубац, чија повреда на ногата во младоста засекогаш му ги затворила вратите на фудбалот.

СЕКОЕ ДЕТЕ ЗАСЛУЖУВА ВНИМАНИЕ

Во својата творечка кариера паралелно создавал и за деца и за возрасни, а најголема инспирација му биле средбите со децата и средбите со големите имиња на српската литература за деца, меѓу кои се наоѓа и самиот тој.
– Многуте средби со децата и дружбата со најголемите поети за деца на овие простори, како Љубивое Ршумовиќ и Десанка Максимовиќ, ми овозможија да црпам инспирација и да создавам нови и нови песни, постојано, со години. Децата даваат посебна енергија. Еве, го гледам нашиот светски тенисер Новак Ѓоковиќ. По натпреварите, можеби едвај стои, но ако некое дете му побара нешто, тој не го одбива. И нека има илјада и десет илјади деца, тој не ги одбива. Мирно стои, потпишува автограми, дава маици, тениски топчиња, се фотографира и дели насмевки. Тоа го правам и јас, затоа што секое дете заслужува почит и внимание – вели Перо Зубац.
Некои од неговите најпознати книги за деца се:,,Зошто ми се лути Дарја“, „Да не слушне некој“, „Детско срце“, „Децата растат како куќи“, „Децата го можат невозможното“, „Птици во градите“ и други.

Кога ќе видам слика со тажно, немоќно или гладно дете се наежувам. Многу сум чувствителен на таквите сцени. Децата, за мене, се грутка на добрината. Таа добрина може да се обликува, но ако се запостави, тоа не е добро. Мојата најпозната песна за деца е насловена „Другарска“, затоа што и во детството, а и сега, другарството за мене има возвишено значење

Неговата нежност и суптилност што ги негува кон своите деца и внуци, тој ги пренесува кон секое дете со кое ќе се сретне и ќе разговара или, пак, ќе му прочита негова песна.
– Кога ќе видам слика со тажно, немоќно или гладно дете, се наежувам. Многу сум чувствителен на таквите сцени. Децата, за мене, се грутка на добрината. Таа добрина може да се обликува, но ако се запостави, тоа не е добро. Мојата најпозната песна за деца е насловена „Другарска“, затоа што и во детството а и сега, другарството за мене има возвишено значење.

ЦЕЛОСНА ПОСВЕТЕНОСТ НА ТВОРЕШТВОТО ЗА ДЕЦА

Инаку, две негови книги, меѓу кои и избор од неговата поезија за деца, се објавени на македонски јазик, а добитник е и на наградата „Ана Франк“, која ја доделува издавачката куќа „Феникс“ од Скопје. Превел и препеал многу македонски поети од македонски на српски јазик и бил уредник во издавачката куќа „Мисла“ во Скопје. До 1990-тите години бил учесник на „Струшките вечери на поезијата“, каде што настапувал заедно со нашите најголеми поети, како Радован Павловски, Матеја Матевски и други.
Денес тој сѐ уште активно создава, пишува и патува, но покрај сите свои улоги како поет, преведувач и сценарист, омилена му е улогата „дедо на Милена и Меј“.
– Посебно е чувството да бидете дедо. Порано, инспирација ми беа моите деца Владимир и Милош, а сега моите внуки Милена и Меј ми се инспирација за моето творештво. Впрочем, последниве речиси две години пишувам исклучиво поезија за деца. Пред неколку години ја објавив книгата „Песнарка за Милена“, а сега наскоро ќе биде објавена „Песни за Меј“. Тоа ќе биде мојот роденденски подарок за неа – вели Перо Зубац.


Другарска

Другарот е поважен од сѐ на светот,
дури и од долгото и безгрижно лето.

И од сите планини, реки, езера, неба,
добриот другар секогаш ти треба.

Кога ќе дојдат лоши денови, повреди
слогата со другарот, сѐ ќе победи.

И во раскош и во беда, другарот е еден
добриот другар, од злато е повреден.

Ако имаш добар другар,
неволјата брзо ќе пројде
кога имаш болест, тага
и без повик, тој ќе дојде.

И кога имаш рани, срцето што го печат
другарот за тебе има зборови што лечат.

Препев од српски на македонски јазик: Филип Димкоски

 


За лебот

Под бескрајното сино небо,
се бранува иднината на лебот.

Лебот спие в жито, летото бдее
а фурната веќе почнува да грее.

И највкусното јадење нека ми прости, но
најубав е топлиот леб, поделен со гости.

Дедо му раскажува, на малиот Насте:
во црната земја бел леб расте.

Понекогаш, многу ми се плаче

Толку ми се плаче понекогаш
Не знам зошто. Не ми е ништо.
Плачам, а немам никаква мака.
Дали и тебе ти се случува така?

Читам некоја книга.
Наеднаш посакувам да не сум овде.
Да не одам на училиште.
Тато да не ме води на натпревари.
А не знам ни каде би одел. Сѐ уште сум дете.

Дали понекогаш и ти посакуваш од сите да се скриеш?
Ме разбираш ли сега, мене како ми е?

И наеднаш сѐ поминува, како час по физичко.
Потоа си се смеам сам на себе
Дали тоа ти се случува и тебе?


Од биографијата на Перо Зубац

Перо Зубац е роден на 30 мај 1945 година, во Невесиње, денешна Република Српска, БиХ. Живее и твори во Нови Сад, Република Србија. Тој е поет, книжевник, сценарист, новинар и антологичар. Напишал и либрето за опера, либрето за балет и либрето за камерна опера. Автор е на над педесет книги поезија за возрасни и на над дваесет книги поезија за деца, а приредил дваесет антологии на југословенската и светската поезија. Член е на Здружението на новинарите на Србија, Здружението на писатели на Војводина и Здружението на писатели на Србија. Основач е и почесен член на здружението за култура, уметност и меѓународна соработка „Адлигат“, во кое се наоѓа и неговиот легат. Уште во својата деветнаесетта година стекнува огромна популарност во Русија и низ целиот Балкан, со објавувањето на неговата песна „Мостарски дождови“, објавена во списанието „Работница“ во Москва, во тираж од 19.750.000 примероци, во препев на руски од Ирина Чивалихина. Негови книги се преведени на македонски, унгарски, романски, италијански и албански јазик, а песните му се преведени на дваесет светски јазици.Неговата поезија е застапена во десетина странски и над триста српски антологии на поезија и поезија за деца. Застапен е во читанките и лектирите во Србија, Хрватска и во Босна и Херцеговина. На неговите стихови компонирани се кантати, соло-песни, ораториуми. Осум години бил ментор на најталентираните литерати во Војводина, во Центарот за таленти на Република Србија. Добитник е на највисоките награди и признанија на Србија и во регионов.