Фото: Игор Бансколиев

Во македонскиот случај повеќе од очигледно е дека станува збор за многу иницијативи што бараат ангажман на луѓе, ресурси и многу други трошоци, со единствена цел земјава побрзо да го изоди патот за членство кон Унијата. Пораката што треба да се испрати до Брисел е дека и со една иницијатива Македонија знае што е нејзината задача, да ги исполни европските критериуми, да се справи со корупцијата и криминалот, да воведе ефикасно владеење на правото, сето тоа дополнето со функционална и одржлива економија, здравство и образование

Членувањето на Македонија во голем број регионални и европски иницијативи само ја разлева од крајната цел

Долг и трнлив пат ја очекува Македонија до зачленувањето во Европската Унија, кога и да се случи тоа, па затоа исклучително е важно сета енергија во евроинтеграциите да се сублимира на едно место, од каде што ќе се креира и води целата евроинтеграциска стратегија. Имено, во моментот Македонија членува во безмалку десет иницијативи што имаат цел да ѝ го олеснат патот на државата до нејзиното зачленување во Унијата, но повеќе од очигледно е дека тоа внесува само дополнителна конфузија во целиот процес, бидејќи нема никаква внатрешна усогласеност и координација околу предлозите што се нудат во рамките на тие иницијативи.
Отворен Балкан, Централноевропска иницијатива (ЦЕИ), Берлински процес, Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), Советот за регионалната соработка, Регионална иницијатива за миграција, азил и бегалци –МАРРИ, Центар за спроведување на законот во Југоисточна Европа, СЕЛЕК, Здравствената мрежа на Југоисточна Европа, Фонд за Западен Балкан, како и Јадранско-јонска иницијатива, се иницијативите во кои во моментот членува Македонија, а кои треба да го олеснат нејзиниот пристап кон Унијата преку разни алатки што треба да придонесат за усогласување на политиките со оние на земјите-членки.

Иницијативи што се контрадикторни сами по себе

Неодамна имаше реакции од страна на дел од европските експерти и познавачи на регионалните состојби, кои и сами се согласуваат дека некои иницијативи целосно се преклопуваат со концептот што го застапуваат, други се контрадикторни една на друга, внесувајќи само дополнителна забуна кај земјите кандидати, кои зачленувајќи се во сите овие иницијативи, веќе не знаат кого да слушаат и што да прават.
– Ако идејата за Отворен Балкан значи еден вид подготовка на земјите од регионот за членство во ЕУ, истото тоа е и Берлинскиот процес. Сега имаме дилеми меѓу земјите во која иницијатива да се вклучат. Се прави конфузија, која не е добра – велат соговорниците.
Во македонскиот случај повеќе од очигледно е дека станува збор за многу иницијативи што бараат ангажман на луѓе, ресурси и еден куп други трошоци, со единствена цел земјава побрзо да го изоди патот за членство кон Унијата. Од друга страна, многубројните иницијативи имаат различен пристап околу тоа кои треба да се чекорите што треба да се преземат во евроинтеграциите, а ако на тоа се додадат и лошата меѓуресорска соработка и немањето меѓусебна координација, тогаш македонскиот евроинтегративен процес повеќе личи на пат во непознатото отколку на пат кон ЕУ.
Затоа можеби е клучно македонската страна наместо да ја троши енергијата на сите овие иницијативи, да ја насочи во едно оперативно тело, од каде што ќе се координира целиот процес и во кое ќе се најдат луѓе што најдобро знаат како треба да се подготви земјата за преговарање и членство во ЕУ.
Пораката што треба да се испрати до Брисел е дека и со една иницијатива Македонија знае што е нејзината задача, да ги исполни европските критериуми, да се справи со корупцијата и криминалот, да воведе ефикасно владеење на правото, сето тоа дополнето со функционална и одржлива економија, здравство и образование.

Внатрешно единство за обединување околу една единствена интегрална иницијатива

Познавачите на состојбите во доменот на надворешната политика сметаат дека идејата за фузирање на сите иницијативи во една ќе придонесе кон подобро изострување на фокусот кон нашата крајна стратегиска цел, побрзо зачленување во ЕУ.
– Многу иницијативи се изродија и многу душегрижници излегоа за Западен Балкан. Имаме шест-седум иницијативи, почнувајќи од Берлинскиот процес, преку Соработката во Југоисточна Европа. Македонија моментално, покрај со ОБСЕ, претседава со уште две иницијативи врзани за Западен Балкан. Сите тие иницијативи треба да се спојат во една сериозна, која ќе помага, ќе направи синергии за да се забрза овој процес – вели Срѓан Керим, поранешен министер за надворешни работи.
Според него, ако не се забрза евроинтегративниот процес така што сите иницијативи би се споиле во една, лесно може да се случи македонските граѓани целосно да ја загубат вербата во ЕУ.
– Ако нашето интегрирање не се случи во наредните десет години и пократко од тоа, бидејќи во меѓувреме им се вети и на Молдавија и на Украина да влезат во Унијата, тогаш навистина кредибилитетот во ЕУ и тие перспективи ќе опадне толку што ние ќе имаме сериозни внатрешни политички проблеми да ги убедиме сопствените граѓани дека целата таа работа има смисла – смета Керим.
Тој, говорејќи во емисијата „Само интервју“, истакна дека пред обединувањето околу една европска иницијатива треба внатрешно да се дефинираат националните интереси.
– Претходно ние треба да се договориме кај нас дома како да ги дефинираме тие наши национални интереси и сите да застанеме зад нив. Еднаш треба да почнеме да размислуваме на ниво на национални интереси, а внатрешните политички расправи се работи што се случуваат секаде. Едно се меѓупартиските ривалства, кои се составен дел на демократијата, друго е реалната национална политика, која треба да се води така што сите ќе влечеме на истата страна – истакна Керим.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов се согласува дека Македонија треба повеќето иницијативи, со кои сега е преокупирана, да ги сублимира во една, преку која најдобро ќе ги оствари своите стратегиски интереси, но за тоа, како што вели, најважно е да се исполни еден важен предуслов.
– Најпрво треба да се обединиме дома и да подготвиме национална стратегија околу нашата иднина. Сите партии, лидери, да седнат на заедничка маса и да подготват таква стратегија преку која ќе се решаваат главните прашања – потенцира Јањатов.
Според него, кога ќе постои единствена стратегија, кога ќе биде постигнат национален консензус за најважните прашања, тоа треба да се преслика во едно тело или иницијатива во која ќе биде вложена сета расположлива енергија како земјава побрзо да напредува на патот кон ЕУ.
– Има институции, Собрание, Влада, треба да донесат документ по кој сите ќе се придржуваат. Многу работи се пропушти да се направат така како што треба само поради дефокусираност и на институциите, како и на луѓето што учествуваат во тие процеси – нагласува Јањатов.

Кому му одговара конфузниот начин на управување?!

Поранешниот амбасадор категорично тврди дека кога ќе постои единствена иницијатива, усогласена од сите фактори во земјава, тогаш полесно ќе се стигне до крајната цел.
– Вака како што е сега, едноставно нема координација, нема единство, не се знае кој на каде влече. Имам впечаток дека некому му одговара ваков конфузен начин на управување на земјата – смета Јањатов.
Тој додава дека народот не треба да биде замајуван за полесно да поминат уставните измени, туку сите да се посветат на националните интереси и да заземат единствен курс и иницијатива во насока на реформи и средување на состојбите дома, што впрочем е и најдобрата формула како да ги забрзаме евроинтеграциите.
Ставот и на други соговорници со кои се разви дискусија за потребата сите иницијативи во кои членува Македонија да се инкорпорираат во една главна иницијатива е дека тоа треба да се направи што поскоро.
– Македонија членува во многу иницијативи. Сега претседава со ОБСЕ, но ефектот од членството во другите иницијативи е слабо видлив. Во секоја иницијатива имаме тимови што повеќе се таму туристички, отколку што се предлагаат идеи и се лобира како државата да оди напред. Потребно е да се обединиме сите околу една иницијатива, која би била европска Македонија. Тоа ќе значи да работиме на исполнување на европската агенда и тоа јасно да му го соопштиме на Брисел. Емисари од оваа, онаа или некоја трета иницијатива само внесуваат дополнителни конфузии, ниту, пак, ние нешто таму работиме. Да фатиме еден сериозен курс и да чекориме обединето – порачуваат нашите соговорници.