Во петтиот меч на СП 2025 македонската репрезентација од 15.30 часот се среќава со селекцијата на Катар, за која ова е десетто СП, а во сегашната постава се истакнуваат десниот бек Марковиќ, левиот бек Марзо, централниот бек Тарек, брзоногото лево крило Мадади…
Македонската машка ракометна репрезентација денеска од 15.30 часот ќе биде пред нов предизвик на Светското првенство (СП) што се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка. По вториот нерешен резултат на СП 2025 (прво со фаворизираната Унгарија, 27-27, во прелиминарната група Д) со Австрија во првиот дуел од главната група два (29-29), благодарение на голот на левиот бек Филип Кузмановски, кој ја затресе противничката мрежа во последната секунда од мечот, избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе се обидат против Катар да ја забележат втората победа. Катар во првиот меч од втората фаза загуби од Холандија (37-38) со гол примен на три секунди пред крајот на средбата. Македонија по ова коло е на петтото место, со два бода.
– Првите импресии се поделени, може да бидеме среќни затоа што постигнавме гол, но може да бидеме незадоволни затоа што промашивме пенал за водство. Ако постигнавме гол, ќе бевме во предност, но тоа е во моментов, не нѐ следи среќата. Велат дека среќата ги следи тие што ја заслужиле, најверојатно не сме ја заслужиле уште. Горд сум на момците. Не паднавме психолошки, бевме точни и реализаторски расположени, но не знаевме да одговориме во одбраната „седум на шест“. Очекував и нашите голмани да бидат подобри, иако досега имаа коректен турнир. Задоволен сум, но жалиме за натпреварите со Унгарија и со Австрија. Митревски беше со температура, Јагуриновски остана во хотелот, Костески исто така имаше проблеми. Како е за сите, така е и за нас, имаме состав и ќе се обидеме да одиграме уште еден квалитетен натпревар против Катар – вели селекторот Лазаров.
За Катар ова е десетто СП, по настапите во 2003 година (16-то место), 2005 (21), 2007 (23), 2013 (20), 2015 (второ), 2017 (осмо), 2019 (13), 2021 (осмо) и во 2023 година (22). Единствениот дуел Македонија и Катар го одиграа на СП 2013 во Шпанија, кога во прелиминарната фаза во Севилја беше 34-30 за Македонците, а доминираше сегашниот селектор Лазаров со девет гола. Во сегашната постава се истакнуваат десниот бек Жарко Марковиќ, левиот бек Франкиз Марзо, централниот бек Абделрахман Тарек, брзоногото лево крило Ахмад Мадади…
– Се надевам дека против Катар ќе закрепнеме од настинките што нѐ следат и очекувам неизвесен натпревар. Тие против Холандија одиграа изедначен натпревар, на крајот минимално загубија, но тука се по квалитет. Ние како репрезентација одиме нагоре, се развиваме. Играчите не се веќе толку млади и неискусни, знаат да играат на резултат. Следното првенство ќе биде уште подобро – вели голманот Митревски.
На дуелот со Австрија Марко Митев беше најефикасен, со шест гола.
– Австрија беше искусен и многу подготвен противник, кој ни правеше проблем со играта „седум на шест“. Можеби имавме малку среќа на крајот, но што е тука е. Очекувам против Катар да одиграме исто вака борбено до крајот и одиме на победа – вели Митев. Г.И.
Во првата фаза најмногу гледачи имало во Хернинг
По првиот дел на Светското првенство (СП) за ракометари во шесте групи натпреварите ги следеле вкупно 238.586 гледачи, најмногу во групата Б, во Хернинг (Данска), каде што имало 66.241 (11.040 во просек по меч). Потоа е групата Х во Загреб (Хрватска) со 48.750 (8.125), Баерум (Норвешка) со 46.223 (7.703), група А повторно во Хернинг со 31.577 (5.262), групата Д во Вараждин (Хрватска) со 18.500 (3.083), групата Ф во Баерум со 13.200 (2.200), групата Ц во Пореч (Хрватска) 11.895 (1.982) и групата Г во Загреб (Хрватска) 2.200 (366). Поединечно најмногу публика имало на мечевите Хрватска – Аргентина (15.650) и Египет – Хрватска (15.600) и двата во „Арена Загреб“, а најмалку, 644, во Баерум, на дуелот Шпанија – Чиле.
СП 2025, ГЛАВНА РУНДА
Група 1
Швајцарија – Тунис 37-26
Чешка – Италија 18-25
Данска – Германија 40-30
ТАБЕЛА
Данска 3 3 0 0 111-71 6
Германија 3 2 0 1 90-91 4
Италија 3 2 0 1 77-82 4
Швајцарија 3 1 1 1 83-74 3
Чешка 3 0 1 2 57-71 1
Тунис 3 0 0 3 72-101 0
Идно коло (денеска): Тунис – Чешка (15.30 ч.), Италија – Германија (18 ч.), Данска – Швајцарија (20.30 ч.).
Група 2
Австрија – Македонија 29-29
Катар – Холандија 37-38
Унгарија – Франција 30-37
ТАБЕЛА
Франција 3 3 0 0 109-76 6
Холандија 3 2 0 1 107-105 4
Унгарија 3 1 1 1 93-96 3
Австрија 3 1 1 1 84-90 3
Македонија 3 0 2 1 88-93 2
Катар 3 0 0 3 82-103 0
Идно коло (денеска): Македонија – Катар (15.30 ч.), Холандија – Франција (18 ч.), Унгарија – Австрија (20.30 ч.).
Група 3
Бразил – Чиле синоќа
Шведска – Португалија синоќа
Норвешка – Шпанија синоќа
ТАБЕЛА
Португалија 2 2 0 0 61-54 4
Шведска 2 1 1 0 71-59 3
Шпанија 2 1 0 0 60-51 2
Бразил 2 1 0 1 55-56 2
Норвешка 2 0 0 2 54-60 1
Чиле 2 0 0 2 52-73 0
Група 4
Словенија – Аргентина синоќа
Зелено`ртски О. – Хрватска синоќа
Египет – Исланд синоќа
ТАБЕЛА
Египет 2 2 0 0 67-49 4
Исланд 2 2 0 0 57-39 4
Хрватска 2 1 0 1 57-46 2
Словенија 2 1 0 1 54-47 2
Зелено’ртски О. 2 0 0 2 45-70 1
Аргентина 2 0 0 2 43-72 0