УО на РФМ одреди парична награда за македонската сениорска женска ракометна репрезентација за успешен пласман на претстојното Светско првенство, во висина од 1,5 милион денари, објави РФМ. Првата средба е на гости, а реваншот е в сабота, во Битола
РАКОМЕТ
Македонската репрезентација вечерва (20.30 часот) на гости со Полска треба да го игра првиот квалификациски натпревар за пласман на годинашното Светско првенство (СП) за ракометарки, 27. по ред. Реваншот е в сабота, во Битола (19 часот).
Управниот одбор (УО) на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) одреди парична награда за македонската сениорска женска ракометна репрезентација за успешен пласман на претстојното Светско првенство, во висина од 1,5 милион денари, објави РФМ.
Репрезентацијата на Македонија одработи мини-подготовки за натпреварите со Полска, на кои ќе игра за пласман на шести мундијал (претходно играше во 1997, 1999, 2001, 2005 и во 2007 година, најдобар пласман е седмото место во 1997 година). Селекторот Кристијан Грчевски објави список со 20 ракометарки за двомечот со Полска, која на Европското првенство лани го освои деветтото место.
Од Европа досега пласман на СП 2025 обезбедија домаќините на планетарниот шампионат, Германија и Холандија, потоа актуелниот светски првак Франција, како и полуфиналистите на Европското првенство лани, Унгарија, Норвешка и Данска.
Вкупно 22 европски селекции треба да играат за уште 11 места од Европа на СП 2025, на кое ќе настапат 32 селекции. Првите натпревари се играат денеска и утре, реваншите во голема мера ќе се играат в сабота и в недела, а Исланд и Израел ќе го играат двомечот во два последователни дена во Рејкјавик, денеска и утре, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ). Н.М.
БАРАЖ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2025
Италија – Романија 18 ч.
Словенија – Србија 18 ч.
Швајцарија – Словачка 18.30 ч.
Португалија – Црна Гора 20 ч.
Фарски Острови – Литванија 20 ч.
Полска – Македонија 20.30 ч.
Исланд – Израел 21.30 ч.
Чешка – Украина утре, 17.15 ч.
Хрватска – Шпанија утре, 17.30 ч.
Австрија – Турција утре, 18 ч.
Шведска – Косово утре, 19 ч.
реваншите се утре, в сабота и в недела
Извор: ЕХФ