Фото: Игор Бансколиев

Ва­кви кон­цеп­ти ни се по­треб­ни и тре­ба да се под­др­жат, оти тоа ќе би­де до­бро за Ма­ке­до­ни­ја и за ма­ке­дон­ски­от спорт – из­ја­ви се­ле­кто­рот на ма­ке­дон­ска­та ре­пре­зен­та­ци­ја Ки­рил Ла­за­ров, на вчерашната прес-конференција

РАКОМЕТ – СУПЕРЛИГАШОТ АЛКАЛОИД ПРОМОВИРА НОВ ТРЕНЕР И ОСУМ НОВИ ИГРАЧИ

На крајот од кариерата се одлучив да останам во спортот и да пробам да придонесам уште повеќе, само малку поинаку. Ќе работам во нашата Македонија и ќе се обидам моето искуство, кое го стекнав низ годините играјќи во Европа и во светот, да го пренесам овде, во Македонија. Чест ми е и задоволство што имам ваков посакуван проект. Не се двоумев воопшто дали да ја прифатам поканата на суперлигашот РК Алкалоид, влегов со многу желба и ентузијазам и ветувам дека ќе бидам целосно посветен во работата на овој проект за доброто на РК Алкалоид и македонскиот ракомет воопшто. Вакви концепти ни се потребни и треба да се поддржат, оти тоа ќе биде добро за Македонија и за македонскиот спорт – изјави селекторот на македонската репрезентација Кирил Лазаров, кој на вчерашната прес-конференција, а во присуство на претседателот на УО и генерален директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, и официјално беше промоворан за нов тренер на суперлигашот Алкалоид.

Во клубот беа промовирани и добија дресови осум нови играчи: голманите Јане Цветковски и Благојче Трајкоски, потоа Никола Маркоски, Михајло Младеновиќ, Едвин Омерагиќ, Марко Митев, Давид Димевски и Александар Петковски. Амбициозниот и полетен клуб, кој е целосно во сопственост на АД „Алкалоид“, е составен од домашни ракометари, а во Суперлигата е во групата А, заедно со Охрид, Бутел, Куманово, Вардар, Прилеп, Струга и Вардар Неготино.
Горан Минов, директорот на РК Алкалоид, не го криеше своето задоволство од ангажманот на новиот тренер Лазаров, а пак за Лазаров ова ќе биде прв клуб во неговата тренерска кариера.
– Ракометот како спорт е лесен за учење, но е тежок за усовршување. Наша основна цел ќе биде да имаме современи методи на играње, тренинг и работа, подигнување на формата и градење професионални и конкурентни ракометари, кои во годините што следуваат ќе може да одговорат на предизвикот што ги очекува. Минатата година овој процес го започнавме со еден од најискусните тренери, Љубомир Савевски, кој и понатаму останува во клубот – истакна на пресот директорот на РК Алкалоид, Горан Минов.
Средниот бек Игор Ѓоргиев, кој е и капитен на клубот, беше задоволен од она што го очекува во претстојната сезона.
– Ова ќе биде прва сезона за клубот во елитен ранг на натпреварување, а желба ни е да играме во плејофот, додека Европа, пак, според моите соиграчи, ќе претставува бонус – рече Ѓорѓиев. Г.И.


Без странски ракометари

Против сум да имаме неквалитетни странци во нашата лига, а кои ги има во изобилство, со што се дискриминирани нашите македонски деца. Но за квалитетен странец, кој е ценет во Европа, сум во секој момент. Странците во иднина секако дека не се исклучок за нашиот клуб, многумина почнале директно така, многумина велеле нема, па носеле играчи. Ако нашето раководство се одлучи за таков потег, тогаш сум дефинитивно само за квалитетен странец – истакна новиот тренер на Алкалоид, Лазаров.