Јубилеен шампионат за Карабатиќ, еден помалку од рекордерот Сигурдсон

81

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ

Европското првенство (ЕП) во Унгарија и во Словачка вчера официјално требаше да почне со првите дуели во пет групи, а новиот континентален првак ќе биде познат на 30 јануари. Најдобрите 24 селекции во следните денови ќе настојуваат да стигнат до шампионскиот пехар. Шпанија го брани тронот од првенството пред две години. Ова ЕП ќе биде во сенка на големите проблеми со ковид-19. Меѓу учесниците е и Македонија, која вчера го имаше првиот дуел во групата А, против Словенија.
ЕП 2022 ќе биде јубилејно 10-то за Никола Карабатиќ, кој има најмногу одиграни натпревари на ЕП, 63. Рекордер според бројот на одиграни ЕП е Валур Сигурдсон, со 11 настапи (до ЕП 2020). Кирил Лазаров е првиот во историјата што ќе има две функции на ЕП, играч и селектор. За еден од фаворитите за златото се смета Данска, во која освен на повредениот Ласе Мелер и Гудме Андерс Закаријасен, на сите други може да смета данскиот селекторот Николај Јакобсен. Во репрезентацијата на Данска е еден од најдобрите шутери на сите времиња, Микел Хансен, а на голот одличниот Никлас Ландин. Силата на Данска ја почувствува Норвешка, која во пријателски меч загуби со 23-35, а 13 гола постигна Магнус Саугструп.
Македонија е во групата А, во Дебрецин, а ривали покрај Словенија, се и Црна Гора (утре, од 18 ч.) и Данска (в понеделник, од 20.30 ч.). Првите две репрезентации од секоја од шесте групи ќе се пласираат во втората групна фаза. За Македонија ова е седмо учество на европските првенства (шесто во низа), а најдобриот пласман го оствари во Србија 2012 година.


Словачка го намали капацитетот на салите

Словачка одлучи да го намали капацитетот на салите во Братислава и во Кошице на само 25 отсто, поради опасноста од ковид-19. Завршницата на првенството, полуфиналето, финалето и натпреварот за третото место ќе се играат во новоизградената сала во Будимпешта, „МБМ хаус“, со капацитет од 20.022 седишта. Во Сегед, арената „Сегед“ е со капацитет од 8.143 гледачи, во Дебрецен арената „Фоник“ собира 6.500, салите во Братислава „Ондреј Непела“ и во Кошице „Стил“ примаат 10.000, односно 7.900 гледачи.