Фото: РФМ

Од групата 4 за влез меѓу осумте најдобри вчера играа Македонија – Црна Гора и Португалија – Исланд. Актуелниот светски првак Норвешка не се пласира меѓу осумте најдобри селекции на СП 2024, а пред вчерашното второ коло пласман во четврт-финалето обезбедија седум репрезентации, и тоа Швајцарија, Холандија, Унгарија, Данска, Франција, Шведска и Исланд

РАКОМЕТ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА ЈУНИОРКИ ВО СКОПЈЕ

Женската репрезентација на Македонија за ракометарки до 20 години испушти победа против селекцијата на Португалија, играјќи нерешено 28-28, во првиот натпревар од главната рунда (група еден), за пласман меѓу најдобрите осум селекции на 24. Светско првенство (СП) за јуниорки во Скопје.
Избраничките на селекторот Дарко Јанев беа блиску до победа оти во финишот на средбата имаа предност од 25-21. Најефикасна кај Македонките беше Сара Стефаноска со девет погодоци, пет пати погоди Борјана Коцева, а четири пати мрежата ја затресе Ива Младеновска. На голот одлична беше Матеја Чурлиновска со 19 одбрани од 47 шута, односно 40 отсто ефикасност, за што беше прогласена и за најкорисна ракометарка (МВП) на овој неизвесен меч.
– Задоволен сум од прикажаното, а девојките знаат дека може да играат против секого. Ја имавме победата, но неколкуте грешки на крајот го донесоа овој резултат. Браво за борбеноста, но спортот е таков, мора да се игра докрај. Сепак, ова е знак дека репрезентацијата има потенцијал и треба да се цени – рече селекторот Јанев.
Пред одигрувањето на вчерашното второ коло веќе беа познати седум од осумте селекции што обезбедија пласман во четврт-финалето. Тоа се Швајцарија, Холандија (од групата 1), Унгарија, Данска (од групата 2), Франција, Шведска (од групата 3) и Исланд (од групата 4, од која за влез меѓу осумте најдобри вчера играа Македонија – Црна Гора и Португалија – Исланд). Во четврт-финалето на СП 2024 не се пласира актуелниот светски јуниорски првак Норвешка (титулата ја освои на СП 2022, совладувајќи ја во финалето Унгарија со 31-29, а трета беше Холандија, која славеше на дуелот со Шведска со 31-20). Г.И.


ГРУПА 4

Португалија – Македонија 28-28
Исланд – Црна Гора 35-27
Португалија – Исланд вчера
Црна Гора – Македонија вчера

ТАБЕЛА

Исланд 2 2 0 0 64-44 4
Португалија 2 1 1 0 62-59 3
Македонија 2 0 1 1 45-57 1
Црна Гора 2 0 0 2 58-69 0