Сара Ристовска во акција/Фото: Маја Јаневска-Илиевска

Женската ракометна репрезентација на Македонија немаше сили за изненадување против фаворизираната Холандија од која загуби со 15-30 во мечот од второто коло на Европското првенство, одигран вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Македонските ракометарки во првото полувреме тешко го наоѓаа патот до холандскиот гол, што во комбинација со големиот број технички грешки и нереализирани удари од чисти позиции во нападот. Во таква ситуација, гостинската селекција водеше од самиот почеток на средбата, при што стекна предност од 6-1 во седмата минута, а на полувреме замина со вишок од осум гола (17-9).

Продолжението донесе резултатски израмнета игра до 42-та минута кога при резултат 21-14 за Холандија, уследи голем пад во играта на македонските ракометарки, кои беа 16 минути без погодок, а Холандија со серија од осум гола дојде до убедлива победа.

Сара Ристовска беше најефикасна кај Македонија со четири гола, додека четири ракометарки се запишаа во листата на стрелците по двапати, а кај ривалот се истакна Ингер Шмитс со седум погодоци.

Македонија претходно загуби од актуелниот олимпискиот првак и европски вицешампион Франција 14-24, додека Холандија потешко од очекуваното славеше со 29-28 против Романија. Вечерва се среќаваат Франција – Романија од 20.30 часот.

Македонските ракометарки задутре ќе играат против Романија, а Франција ќе се сретне со Холандија во последното коло од групата Ц. Првите три селекции од групата ќе се пласираат во наредната фаза.