Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сите сакаме да се пласираме на СП, но за тоа секако е потребно сите девојки да го дадат максимумот, вели десниот репрезентативен бек Елена Ѓорѓиевска

Уште два дена остануваат до првиот бараж-натпревар во СЦ „Борис Трајковски“ (од 19 часот) во Скопје, помеѓу женските ракометни селекции на Македонија и на Украина, за пласман на Светското првенство (СП), кое годинава во декември треба да се одржи во Норвешка, Данска и во Шведска. Реванш-мечот, пак, поради ситуацијата во Украина ќе се одигра во унгарскиот град Кишварда, во вторник (од 17 часот). Вкупниот победник ќе се пласира на годинашниот Мундијал. Репрезентативките на Македонија продолжуваат со мини-подготовките во Скопје.
– Предизвикот е многу значаен за сите нас, бидејќи ова е голема шанса по толку години повторно да се пласираме на едно светско првенство, нешто што целата спортска јавност и ние ракометарките очекуваме да се оствари, а шансите ни се многу големи, оти на Украина може да ѝ се спротивставиме. Таа по својот квалитет не е како репрезентациите со кои Македонија играше на ЕП, каде што ракометарките имаа многу тешка задача и го дадоа максимумот, со што покажаа дека македонскиот женски ракомет уште вреди. Сите сакаме да се пласираме на СП, но за тоа секако е потребно сите девојки да го дадат максимумот – вели десниот репрезентативен бек Елена Ѓорѓиевска.
Селекторот на украинската репрезентација Виталиј Андронов даде свое мислење за настапот на Украина на тест-мечевите со Романија, а го изрази и својот став за претстојните средби со Македонија.
– Многу е добро што се собравме и одигравме тест-натпревари против Романија пред бараж-дуелот за СП. Секако дека сакавме да победиме, но имавме многу силен противник. Во одбраната горе-долу се снајдовме, но, за жал, помошта на голманките беше недоволна. Што се однесува до баражот со Македонија, тоа е шанса што треба да ја искористиме. Нашите ракометарки треба да имаат повеќе верба во себе. Сѐ треба да функционира, нападот, одбраната и голманите, ако сакаме успех – изјави Андронов за тамошните медиуми.
Во составот на Украинките предничи левиот бек Ирина Глибко (33), која настапува за романскиот клуб Валчеа и е моментно втор стрелец во Лигата на Европа (ЛЕ). На списокот со 18 ракометарки, за истакнување се и десното крило Евгенија Левченко, пикерката Ирина Стелмах, голманката Марија Гладун, бековите Ирина Компаниец и Тамара Самбатиан... Г.И.


Премија од 2,5 милиони денари за пласман на СП

Женската ракометна репрезентација на Македонија ќе подели премија од 2,5 милиони денари ако се пласира на годинашното Светско првенство. Тоа е одлука на УО на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), а по предлог на претседателот на РФМ, Живко Мукаетов. Македонија в сабота, во Скопје, го игра првиот бараж-меч со селекцијата на Украина, а реваншот е во вторник, во Кишварда (Унгарија).


Слободен влез за дуелот во Скопје

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) одлучи влезот за претстојниот бараж-меч на женските репрезентации на Македонија и на Украина, во СЦ „Борис Трајковски“, да биде слободен. Таква одлука е донесена со цел македонските ракометарки да бидат бодрени од што повеќе гледачи, кои наедно ќе бидат и осмиот играч на овој мошне значаен прв дуел.