СП 2023 ЗА РАКОМЕТАРКИ

Норвешка досега е најефикасна (121 гол) и има најголема позитивна гол-разлика (плус 59)
По максимални три победи во првата групна фаза на 26. Светско првенство (СП) за ракометарки забележаа репрезентациите на Шведска (група А), Црна Гора (Б), Норвешка (Ц), Франција (Д), Данска (Е), Германија (Ф), Шпанија (Г) и на Холандија (Х) и тие во главната групна фаза пренесуваат по четири бода.
Сега на шампионатот што се игра во Данска, Норвешка и во Шведска се формираа четири групи. Во групата 1 се Црна Гора (4 бода), Шведска (4), Унгарија (2), Хрватска (1), Сенегал (1) и Камерун (0), во групата 2 се Норвешка (4), Франција (4), Словенија (2), Австрија (2), Ангола (0), Јужна Кореја (0), во групата 3 се Данска (4), Германија (4), Романија (2), Полска (2), Јапонија (0) и Србија (0) и во групата 4 се Холандија (4), Шпанија (4), Бразил (2), Чешка (2), Аргентина (0) и Украина (0). Најдобрите две од секоја група ќе играат во четврт-финалето.
Норвешка, која е актуелен светски првак, досега е најефикасна по натпреварите во првата групна фаза (121 гол) и има најголема позитивна гол-разлика (плус 59). Г.И.