Фото: Твитер/ИХФ

Данска испиша историја станувајќи првата ракометна репрезентација што го освоила Светското првенство трипати едноподруго, откако ја совлада Франција со 34-29 во финалето одиграно вечерва во Стокхолм.

Скандинавската селекција имаше водство во текот на целиот натпревар кое достигна пет гола 12-7 во првото полувреме. Франција на почетокот на вториот дел успеа да израмни на 17-17, но Данците набргу ја вратија предноста и успеаја да ја сочуваат до крајот на мечот.

Расмус Лауге со 10 гола од 11 шута и Симон Питлик со девет погодоци ги предводеа Данците до триумф.

Македонските судии Ѓорги Начевски и Славе Николов ја делеа правдата во завршниот меч. Ова беше нивно трето големо финале во низа откако судеа на финалните мечеви на Европското првенство во 2020 година и на Летните олимписки игри одржани во 2021 година.

Шпанија го освои бронзениот медал откако во пресрет на финалето победи против домаќинот Шведска со 39-36 во мечот за третото место.

На 28. Мундијал учествуваше и македонската ракометна репрезентација која на крајот заврши на 27. место.