Квалитетот и посветеноста што ги испорачува кампот се препознаени од страна на децата и нивните родители, а организаторот најавува уште поквалитетни содржини на кампот летово
ОХРИД И ГОДИНАВА ДОМАЌИН НА РАКОМЕТНИОТ КАМП „40х20“
Трета година по ред Охрид ќе биде домаќин на ракометниот камп „40х20“ (Handball Camp “40×20“ – Ohrid, Macedonia 2024 (youtube.com), како дел од проектот „Ракомет за секое дете“. По двете успешно организирани изданија, со квалитетни тренери од земјава и гости од странство, на почетокот на март почнаа пријавувањето и подготовките за третото издание на настанот што има предзнак ракометен, настан на кој во центарот на вниманието е спортот број еден во Македонија, но и запознавање нови другарчиња, едукација и многу забава. Ракометниот камп „40х20“, во организација на агенцијата „КМГ спорт“, летово од 30 јуни до 5 јули ќе се одржи на брегот на Охридско Езеро. Како никогаш претходно, годинава интересот за учество на кампот е неверојатно голем, што го потврдува рекордно краткото време за кое се пополни предвидениот број на учесници од Македонија, но годинава и со забележителен процент на учесници од Шведска, Шпанија, Србија и од Турција.
– Имајќи го предвид начинот на кој беше организирано претходното издание на кампот, реакцијата и задоволството на учесниците, но и нивните родители, очекувавме дека интересот за третото ќе биде на високо ниво, но дефинитивно не можевме да претпоставиме дека за само пет дена ќе се пополни капацитетот на предвидени учесници. Големиот интерес за годинашното издание го најавија родителите на децата од странство што сакаа(т) нивните деца да бидат дел од кампот, пред сѐ од Шведска, од каде што имаме рекорден број деца, но и од Шпанија, Србија и од Турција. Нивната култура на планирање, но и потреба навреме да се резервира авионски билет, придонесува истите уште од крајот на минатата година да го најават своето учество – вели Горан Ѓоргоноски, основач и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“, чиј дел е и ракометниот камп.
Како содржина на кампот, особено внимание се обрнува на индивидуалниот пристап во работата со учесниците од повозрасните групи, работа во мали групи, според позицијата во ракометот. Тоа го прави овој камп уникатен, многу квалитетен и продуктивен. Но на кампот во Охрид нема само ракомет. Содржината е обемна и приспособена на возраста на одредени групи деца.
– Покрај квалитетната работа, индивидуалниот пристап и работата во групи, врз основа на возраста на децата, како дополнителен квалитет на самиот настан се и карактерот и посветеноста на тренерите, грижата и залагањето на истите тие за време на кампот во Охрид. Ние како агенција имаме огромно искуство во организација на вакви настани и токму затоа сме ѝ благодарни на екипата од тренери, доктори, предавачи и гости на кампот, свесни за нивните, пред сѐ, човечки квалитети и високиот степен на одговорност што ја презентираат кон децата и нивните родители. На кампот имаме деца од 7 до 17 години и токму затоа програмата е различна во однос на возраста. Кај оние највозрасните (14-17 год.) се работи и трипати на ден, во голема мера индивидуално, со цел отстранување на недостатоците и надградба на знаењето во ракометот, но и во однос на спортската психологија, додека со помалите категории се работи во групи од 8 до 15 деца. И покрај ракометот, на менито има и многу едукативни предавања за здрав начин на живот, тимска работа, самодисциплина, но и многу натпревари, игри и секојдневно користење на базенот во комплексот на хотелот „Аквалина“ – потенцира Ѓоргоноски.
Како и минатите години, пред одржувањето на кампот, секој учесник ќе биде прегледан во клиниката „Жан Митрев“, нашиот медицински партнер, а на кампот за учесниците ќе се погрижат најдобрите тренери за работа со млади категории, дополнети со тренери и предавачи од странство, во однос на ракометот, но и за здрав начин на живот и спортска психологија. Тренерскиот семинар во рамките на самиот настан, наменет за тренери што работат со млади категории, по премиерата лани, годинава ќе биде надграден и збогатен. Г.И.