РАКОМЕТ – БАРАЖ ЗА СП 2023

Македонија не се пласира на својот шести мундијал

Македонската женска ракометна репрезентација не успеа шести пат да се пласира на светско првенство (СП), откако и во вториот бараж-дуел на неутрален терен во унгарскиот град Кишварда, пред околу 700 гледачи, загуби од Украина, со 22-31 (12-24). Македонките и на првиот дуел, во Скопје, за пласман на СП 2023 во Норвешка, Данска и во Шведска, загубија со 22-24, а вкупниот резултат со кој загубија е 44-55. Како и во Скопје, кога Македонија одигра лошо прво полувреме, 8-14, а вторите 30 минути ги доби со 14-10, така беше и во Кишварда, кога по негативата од 12 гола во првиот дел, вториот го доби со 10-7. Најефикасни кај Македонките беа Леонида Гичевска со девет и Сара Ристовска со пет погодоци. Кај Украинките, најпрецизно биеше Ирина Глибко со седум гола, а по шест постигнаа Евгенија Левченко и Дијана Дмитришин. Украина осми пат ќе игра на мундијалите. Г.И.


ФУДБАЛ

Премиер-лигата ќе одржи летен турнир во САД

Англиската фудбалска Премиер-лига летово ќе одржи турнир надвор од сезоната во САД, на кој ќе настапат шест екипи, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Челси, Њукасл, Астон Вила, Фулам, Брајтон и Брентфорд ќе играат во „летната серија“ од девет натпревари во јули, објави Премиер-лигата.
– Нашите клубови имаат неверојатни поддржувачи во САД, кои страсно ги следат своите тимови во текот на целата сезона – рече извршниот директор на Премиер-лигата, Ричард Мастерс.
Натпреварите ќе се играат од 22 до 30 јули во Атланта, Орландо, Филаделфија, Харисон, Њу Џерси и Лендовер. Челси и Брајтон ќе го почнат турнирот во Филаделфија на 22 јули.
Додека голем број англиски клубови од највисоката лига одржаа турнеи надвор од сезоната во САД, ова е првпат лигата да организира турнир таму. Премиер-лигата рече дека тоа е дел од „тековната посветеност на нејзините навивачи во САД“, пишува АП. Н.М.


КОШАРКА – НБА

Уште две слободни места во плејофот

Лос Анџелес лејкерс и Атланта се првите два тима што се пласираа во плејофот на кошаркарската НБА-лига, играјќи во годинашните квалификации за влез во доигрувањето за титулата. ЛА лејкерс славеше на дуелот со Минесота со 108-102, а Атланта го победи Мајами со 116-105. Минесота и Атланта имаат уште една шанса за влез во плејофот, а ќе играат со победниците на дуелите Њу Орлеанс – Оклахома, односно Торонто – Чикаго. ЛА лејкерс за противник во првото коло на плејофот го има Мемфис, а Атланта ќе се сретне со Бостон. Другите двојки се Кливленд – Њујорк, Филаделфија – Бруклин, Феникс – ЛА клиперс и Сакраменто – Голден стејт. Милвоки ќе игра со Торонто, Чикаго или со Мајами, а Денвер со Минесота, Њу Орлеанс или со Оклахома. Н.М.